Економско-социјалниот совет од утре ќе расправа за Законот за плати

Нема ништо добро во предлог-законот за плати, па затоа сите синдикати од јавниот сектор заеднички преку декларација ќе побараме тој во целост да се повлече.

Нема ништо добро во предлог-законот за плати, па затоа сите синдикати од јавниот сектор заеднички преку декларација ќе побараме тој во целост да се повлече, изјави за Канал 5 претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски. Според него мора да има друго соодветно законско решение што нема да ги „укинува“ синдикатите и ќе овозможи раст на платите со кои ќе може да се преживее во Македонија, особено во време на инфлација.

-Ние како синдикати од јавниот сектор на иницијатива на Синдикатот на Клинички направивме и тркалезна маса во врска за овој закон. Таму говоревме речиси сите Синдикати од јавниот сектор, па наредната недела ќе објавиме декларација што таму ја договоривме, дека не се согласуваме со предлог текстот на законот и дека бараме веднаш да биде повлечен.Многу е лоша математиката што ја направи владата, оти тие мислат дека со воведување на минималната, како дел од основната плата, сите плати во јавниот сектор ќе се усогласуваат само со пораст на минималната, што е многу лошо решение, рече Трпе Деаноски – претседателот на Синдикат на УПОЗ.

Деаноски вели оти властите се лажат дека со раст на платите од 300, 500 или 1200 денари еднаш годишно јавниот сектор ќе биде задоволен, бидејќи и сега, според пресметките на синдикатите, за да се прехрани четиричлено семејство потребни се две и пол минимални плати.

Во меѓувреме, и од приватниот сектор, односно од Организацијата на работодавачи велат дека нема да бидат неми набјудувачи на дискусиите за законските решенија за платите, па и тие ќе дадат свои предлози.

-Не сакаме да седиме на страна и само да чекаме и да гледаме што ќе произлезе од расправата помеѓу владата и синдикатите. И ние дирекно ќе се вклучиме со наши предлози. Тие предлози ќе се однесуваат околу тоа растот на платите во јавниот сектор да мора да го следи растот на платите во приватниот сектор, а и растот на продуктивноста, бидејќи од тој раст на продуктивноста зависи и стандардот на сите вработени во државата, вели Ангел Димитров – претседател на Собрание на Организацијата на работодавачи.

Предлог-законот за плати е во фаза на јавна расправа, односно, текстот се уште не е целосно утврден. На барање на Синдикатите за новиот Закон за плати и преговори за Колективниот договор за јавниот сектор ќе има расправа на Економско-социјалниот совет. Советот кој е составен од владини претставници и раководствата на синдикатите треба да заседава од утре.