ЕКСКЛУЗИВНО: Штипски „Кит-Го“ сака да го купи „Тедико“

Штипската компанија „Кит-Го“ веќе шест месеци води интензивни преговори за до крајот на јуни да ги купи маркетите „Тедико“. Оваа информација за „Нетпрес“, ја потврди и моменталниот сопственик на ланецот маркети, Раде Трајковски.
Трајковски додаде дека маркетите ќе останат, ќе бидат надополнети со нова роба од новиот сопственик, а името само ќе се ребрендира.

„Веќе шест месеци водиме интензивни преговори со компанијата „Кит-Го“ од Штип. На почетокот многу фирми беа пријавени на огласот за откупување на маркетите, а единствено „Кит-го“ ги даде најдобрите услови и најсоодветната понуда и затоа со нив преговараме. Преговорите се одолговлекоа поради мои здравствени прични, но се надевам дека ќе бидат завршани до крајот на овој месец. Сопственикот само ќе треба да го ребрендира името и да почне со работа“, изјави Трајковски.

Тој додаде дека во моментов, менаџерскиот тим на „Кит-Го“ ја разгледува финансиската состојба пред да ги презеде маркетите.

Во изминатиот период во јавноста се шпекулираше дека маркетите се пред затворање и истите требаа да бидат затворени минатиот петок. Трајковски тогаш изјави дека затворање нема да има и „Тедико“ ќе продолжи да работи исто како и досега.

Инаку, според најновиот извештај на Управата за јавни приходи, маркетите „Тедико“ на државата и должат повеќе од 26 илјади евра неплатен данок.