Експлозијата на Централната станица во Брисел е терористички акт, безживотното тело на терорист подигнато дури утрово

© AP Photo/Geert Vanden Wijngaert

Железничката Централна станица во Брисел од средата утрото повторно отворена за сообраќај и патници, откако изминаатата ноќе маж предизвика експлозија со низок интензитет околу 20,45 часот, пред да биде застрелан и убиен на лице место од страна на белгиските војниците.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, телото на мажот на возраст меѓу 30 и 35 години е подигнато и однесено во судска медицина дури утринава околу шест часот, додека во исто време е соопштено дека овој инцидент, кој федералниот обвинител го нарече „терористички чин“, се случил во средната сала, меѓу главната сала и платформите три и четири на Централната станица.

Според изјави за франкофонската TV RTBF на очевидци што се нашле на самата станица при инцидентот, како резултат на експлозијата, паника избувнала во станицата и на патеките за пешаци. Станицата потоа беше евакуирана, а железничкиот, метро и автобускиот сообраќај беше стопиран и затвореб се до четири часот изутринава. Плоштадот пред главниот влез на Централната станица, како и самата станица, пак, се уште останува затворен за јавноста.

Според изјава на железничар, осомничениот зборувал за џихад и извикувал „Алах Акбар“ за време на експлозијата. Изворите споменуваат дека човекот носел појас на експлозиви или некој објект сличен на него. Тој бил облечен во бела кошула и црни панталони и би бил на возраст меѓу 30 и 35 години.

Федералниот обвинител Фредерик Ван Леув пристигна на местото на настанот рано утринава околу четири часот, придружуван од судијата Ан Франсен, специјалист за случаи на тероризам, како и од судија од канцеларијата на Брисел и судија за испитување.

Полициските тимови веќе се забележани како изнесуваат неколку кафени торби, содржани со работи од местото на настанот, а мртовечка кола го превзеде телото на терористот околу 6,15 часот утринава.

Заканата од Трето ниво останува непроменета по синоќешната експлозија на Централната станица во Брисел, потврди Координативното тело за анализа на заканите (OCAM) кое заседаваше синоќа во вечерните часови. Оваа информација, OCAM ја објави на социјалната мрежа Twitter.

Третото ниво е во функција од ноември 2015 година во Белгија и означува дека „терористички напад е можен и веројатен“. Од таа причина, присуството на до заби вооружени војници и полицајци што ќе патролираат во Брисел, но и во другите големи белгиски градови, останува до неодредено.