2.8 C
Skopje
четврток, декември 2, 2021

Експертите предупредуваат: Можеби ќе бидат потребни рестрикции на струја

64

Една од причините зошто Република Македонија се соочува со енергетска криза, е тоа што не се носат навремени и правилни одлуки во секторот енергетика, туку одлуки од денес за утре, вели за Гласот на Америка професорот Константин Димитров, кој нагласува дека многу порано требало да се реагира при набавката на јаглен, поевтин мазут, но, и струја, која во текот на летните месеци била за неколку пати поевтина отколку сега.

„Висиме на конец на Рек Битола, кој не го ни одржуваме како што треба. Правиме ремонт, го пуштаме блокот и после 24 го исклучуваме бидејќи нешто не функционира. Сета една таква политика во енергетиката не доведе во оваа состојба. Ќе плаќаме енормно висока цена за електрична енергија што не можеме да ја произведеме“, вели Димитров.

Едно од решенијата се гледа и во изградба на што повеќе фотоволтаични централи, каде електричната енергија се добива со помош на сончевата енергија. Можности и слободни локации за тоа има доволно, бидејќи земјава располага со околу 280 сончеви денови.

Една таква веќе постои во близината на Охрид, во селото Белчишта. Овде се инсталирани 220 броја на фотонапонски келии, со капацитет на секој еден панел од 250 вати. Сите тие заедно можат да произведат до 47,25 киловат часови за еден час.

„Максимум што оваа централа произвела се 350 киловат часови во еден убав ден. Што значи дека седум часа ефективно одработила на јако сонце. Додека минимумот е многу променлив. Во овој момент ни е облачно времето и во овој момент произведуваме само 7,5 киловат часови. Без разлика што нема сонце, фотоните од сонцето кои доаѓаат на земјата, односно светлината која ние ја гледаме е доволна да ги разигра електорните во силициумот во самите келии и да ги добиеме тие киловати“, вели Александар Јованоски.

Најидеален месец за производство на струја на овој начин е јули, кога се добиваат и по 8.500 киловат часови месечно, за разлика од јануари со 2.200. Струјата која овде се произведува потоа се продава на МЕМО, фирма ќерка на државната компанија МЕПСО.

Јованоски кој има намера да инвестира во уште една ваква централа, смета дека државата треба да ја поедностави законската регулатива за вложување во зелена енергија. Во моментот во земјава обновливите извори на енегија учествуваат само со околу три отсто од вкупното производство на струја.

„Има расположение кај народот, меѓутоа регулативата, законодавството не ви дозволува и на крај математиката е страшно скапа. Ако ја видиме во моментот откупната цена во однос на инвестиција, доаѓа дека централата ќе биде исплатлива за едно 12-13 па можеби и 15 години“, додаде тој.

Јованоски вели дека од 2015 наваму, 2021 година е најслабата во производство на струја на ваков начин, поради големиот број на облачни денови.

Сепак, во овој краток период не може речиси ништо да се направи за подобрување на состојбата.

„Можеме само да се молиме на господ да не биде премногу студено. Колку толку да работи Рек Битола, да обезбеди определена количина евтина енергија, наша сопствена,а остатокот мораме да го купиме. И алтератива е да трошиме толку колку што произведуваме електрична енергија. Тоа ќе значи дека ќе мора да се спроведе рестрикција, која би била минимум на 50 отсто од потребите кои се сега“, вели Димитров.

Дополнителен проблем, нагласува тој, е и староста на енергетските капацитети, како и лошата состојба во која се наоѓаат водните ресурси.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.