Експертите велат дека Иран ги почитува обврските од нуклеарниот договор

Иран продолжува да ги почитува своите обврски во рамките од нуклеараниот договор склучен во 2015 година со шесте светски сили, чијашто иднина не е сигурна поради повлекувањето на САД што претставува фактор за дополнителна ескалација на Блискиот исток, објави во четвртокот Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

Американскиот претседател Доналд Трамп во мај годинава ја објави својата одлука да не го потврди историскиот договор склучен во 2015 година во Виена меѓу Техеран и шесте светски сили, САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, плус Германија и со присуство на Европската унија. Со договорот Иран се обврзува да го стопира збогатувањето на ураниум до нивото од кое може лесно да се произведе нуклеарна бомба, за возврат на укинувањето на децениските економски санкции.

Техеран и натаму ги почитува основите на овој договор, а IAEA имаше пристап до „сите постројки и локации во Иран коишто сакаше да ги прегледа“, истакнува агенцијата во својот најнов периодичен извештај. Извештајот е објавен во мигот кога иднината на договорот е незвесна откако Вашингтон се повлече од него и воведе нови економски санкции кои не ја погаѓаат само иранската економија, туку и големите европски компании поради страв од американска одмазда доколку продолажат да работат на иранскиот пазар.

Споменатата агенција за атомска енергија во рамките на Обединетите нации ја истакнува сепак важноста од „проактивна и правовремен соработка“ на Иран „околу осигурувањето на пристапот“ до нуклерните постројки.

Во извештајот се наведува дека иранските резерви од слабо збогатен ураниум и тешка вода малку пораснале од претходниот извештај од мај, останувајќи сепак во границите од договорот од пред три години.