Експертската комисија го достави извештајот за железничката несреќа во Грција

Итни, краткорочни и среднорочни мерки за безбедно, уредно и ефикасно функционирање на железничкиот транспорт во Грција, предлага извештајот на Експертската комисија за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари годинава во која загинаа 57 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Извештајот бил доставен до државниот министер, надлежен за инфраструктура и транспорт Јоргос Герапетритис, а според соопштението на тричлената комисија, објавено од грчките медиуми, нивните заклучоци се однесуваат на откривање и истакнување на проблемите во железничкиот транспорт, а не на доделување или распределба на одговорности, нешто што „согласно Уставот и законот им припаѓа само на надлежните судски органи кои веќе со забрзано темпо работат во оваа насока“.

-Главна грижа на членовите на Комисијата беше по анализата на околностите на трагичната несреќа да се истакнат и идентификуваат проблемите во целата структура на инволвираните во работата на железничкиот транспорт, органи, организации и власти и во извршувањата на овластувањата на физичките или правните лица, а особено да се предложат решенија, кои ќе придонесат, во рамките на другите истраги, студии, предлози и иницијативи на релевантните органи, во преземањето на сите потребни мерки што ќе спречат исти или слични несреќи во иднина, пишува Комисијата во соопштението.

Додаваат дека предлагаат збир на итни, краткорочни и среднорочни мерки за безбедно, уредно и ефикасно функционирање на железничкиот транспорт во Грција.

Паралелно изразуваат желба дека извештајот ќе се користи „исклучиво за горенаведената цел и нема да биде предмет на политичка или партиска експлоатација или конфронтација“.

Експертската комисија започна со работа на 6 март, една седмица по несреќата кај Темпи во која животот го загубија 57 лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.