Експлозија на коронавирусот во Холандија, се воведуваат нови рестрикции

Холандскиот премиер Марк Руте најави низа мерки за справување со растот на бројот на случаите на коронавирусот во земјата, меѓу кои е и затворањето на ноќните клубови.

Бројот на заразените во една седмица во Холандија се зголемил за седум пати и во петокот се регистрирани 7.000 новозаразени, изјави премиерот Марк Руте принудувајќи ја својата влада да се откаже од најавеното ублажување на епидемиолошките мерки.

„Црн облак го засени Сонцето. Во моментов бројот на новозаразените е во голем пораст, главно поради многу заразната делта варијанта. Доколку не преземеме нешто, ритамот на заразата уште ќе се зголеми. Јасно е дека е потребно брозото ширење на вируост да се запре на почетокот“, рече Руте на прес-конференцијата во петокот.

Неговата влада донесе решение да нареди затворање на сите ноќни клубови, а рестораните ќе работат до полноќ. Сите посетители на рестораните и кафулињата мора да го почитуваат растојанието од 1,5 метри, прецизираше Руте.

Додаде дека мерките ќе стапат на сила во сабота во 5 часот наутро и оти ќе траат најмалку до 13-ти август.

„Пред две седмици сите знаци покажуваа зелено. Но денеска постои причина за интервенција. Ова што се случува е резултат на брзото ширење на делта варијантата во Европа и во Холандија. Минатата седмица имавме околу 500 новозаразени дневно. Денеска се забележани 7.000 нови инфекции“, потсети министерот за здравство Хуго де Јонге.

Новите мерки не вклучуваат ограничување на движењето и полициски час како пред неколку месеци, како и задолжително носење маски во затворени простори.

Руте го повика населението на почитување на основните правила, одржување на физичкото растојание и перење на рацете.

„Доколу се однесеуваме така, сѐ уште можеме да имаме прекрасно лето“, додаде холандскиот премиер.

Од почетокот на епидемијата, Холандија којашто има 17 милиони жители, регистрираше над 1,7 милиони случаи на коронавирусот и 17.700 починати. Околу 80 отсто од жителите примиле барем една доза од вакцините против Covid-19, а 50 проценти двете дози, според податоците на министестерството за здравство.