Силни експлозии го потресле украинскиот град Николаев рано утрото во саботата, соопшти градоначалникот Олександр Сенкевич ден откако украинските власти јавија дека најмалку 21 лице загинало кога руски проектил наводно погодил станбена зграда во близина на црноморското пристаниште Одеса.
Сирените за воздушна тревога се огласија пред експлозијата во целиот регион Николаев, којашто граничи со клучното украинско извозно пристаниште Одеса.
„Во градот се слушаат силни експлозии! Останете во засолништата!“, напишал на Telegram градоначалникот Сенкевич.
Засега не е познато што ги предизвикало експлозиите, а агенцијата Reuters не можела од независни извори да ја провери вистинотоста на објавата.
Истовремено во саботата утрото властите на одметнатата проруска југоисточна област и самопрогласена Народна Република Доњецк, соопштија дека во 136-те дена од почетокот на „ескалацијата“ на насилствата започнати во 2014 година, односно почетокот на руската инвазија, на територијата на „републиката“ во гранатирањата од страна на украинската војска загинале 210 цивили, од кои 12 деца, според податоците на Заедничкиот центар за контрола и координација на режимот на прекинот на огнот, формиран уште пред осум години.
Експлозиите во петокот урнаа дел од станбена зграда додека жителите спиеле, во последниот, како што тврди Киев, руски наводен напад врз цивили. Во своето ноќно видео кон петокот, украинскиот претседател Владимир Зеленски го осуди нападот како „свесен, намерно целен руски терор, а не како грешка или случаен ракетен напад“.
Украина тврди дека Русија ги интензивирала своите ракетни напади со долг дострел, наводно гаѓајќи цивилни цели од првата линија. Москва, како и во претходните такви случаи, тврди дека цел ѝ е само воената инфраструктура, но предупредува дека украинските сили во текот на целиот судир ја злоупотребуваат цивилната инфраструктура претворајќи ја во борбени позиции. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го цитираше рускиот претседател Владимир Путин дека „руските вооружени сили не напаѓаат цивилни цели“.
Жителите на Сереевка крај Одеса продолжиле во саботата да им помагаат на спасувачките служби во потрага по преживеани во урнатини од деветкатницата, чиј дел бил погоден во петокот утрото, Ударниот бран уништил ѕидови и прозорци на соседна 14-катна зграда. Погоден, наводно, биле и блиските туристички кампови.
Сергеј Братчук, портпарол на регионалната управа на Одеса, изјави дека е потврдено дека во Сергеевка загинало 21 лице, вклучително и 12-годишно момченце. Меѓу загинатите бил и вработен на Центарот за рехабилитација на деца кој во тоа летувалиште го отворила соседна Молдавија..