Експлозија пред грчката SKAI TV

Експлозивна направа е детонирана во близина на зградата на телевизијата SKAI TV во грчката престолнина Атина во понеделникот, при што се уништени прозорците на шесте катови предизвикувајќи голема материјална штета, но за среќа нема жртви.

Телевизијата SKAI TV е една од најголемите грчки телевизии и е дел од медиумската куќа која вклучува и радио станица и соработка со дневниот весник Kathimerini.

Полицијата објави дека станува збор за импровизирана експлозивна направа којашто експлодирала во близина на зградата на телевизијата ноќта околу 02,35 часот, откако двете медиумски куќи добиле телефонски повици со предупредување. На својата интернет страница SKAI TV објави дека се уништени прозорците од првиот до шестиот кат.

„Материјалната штета е голема на речиси секој кат, најголема е на третиот и четвртиот, каде што се сместени канцелариите на вработените. Сликата е тажна. Спуштените тавани се урнаа на подот, а прозорците се скршени на парчиња“, се наведува во соопштението на телевизијата.

Помали напади врз финансиски институции и голем компании, полицијата и политичарите, како и врз медиумите не се невообичаени во Грција, која има долга историја на политичко насилство.

Грчката министерка за цивилна заштита Олга Геровасили изјави за телевизијата SKAI дека странува збор за напад врз демократијата. „Демократијата, меѓутоа, е заштитена и секако дека не е загрозена“, рече Геровасили.

Водителите и новинарите на утринската програма на SKAI TV ја водеа емисијата од пред зградата. Новинарот на телевизијата рече дека се проценува оти експлозивната направа содржела пет килограми експлозивн супстанции, како и дека била поставена во тесна уличка во близина на зградата.