Експлозија во подземна железница во Лондон

Осумнаесет лица се хоспитализирани по експлозијата во Лондон, но никој од нив не е во животна опасност, соопшти лондонската Брза помош.

Очевидци тврдат дека дел од патниците се здобиле со изгореници на лицето и рацете, како и дека на некои „им отпаднала косата“.

Локалните медиуми јавија дека има повредени и во стампедото кое настанало како резултат на паниката, по експлозијата. Претставник на службите за брза помош, соопшти дека некои лица биле третирани поради преживеаниот шок.

Експлозијата во подземната железница на лондонската мрежа „Тјуб“, која се случи за време на утринскиот сообраќаен метеж се истражува како акт на тероризам, соопшти лондонската полиција.

Заменик помошникот-комесар Нил Басу, висок државен координатор за полициско дејствување против тероризмот, потврди дека експлозијата се третира како „терористички инцидент”.

Британската премиерка Тереза Меј свика итна седница на комисијата за вонредни ситуации позната како Кобра, за 12 часот по локално време.

– Моите мисли се со повредените на „Парсонс Грин“ и со службите за брза помош кои одговараат брзо и храбро на овој терористички инцидент, напиша Меј на Твитер.

Утрово во 8.20 часот експлодира рачно изработена бомба во последниот вагон од возот на подземната железница, поставена во кофа каква обично користат градежните работници, а во која имало бела брендирана кеса.

Кофа експлозија

 

На фотографијата која се споделува на социјалните мрежи, се гледа дека од кофата излегуваат и жици. Телевизијата „Скај“, повикувајќи се на неименувани извори, информираше дека експлозивот не бил активиран во целост.

Дел од очевидците тврдат дека прво чуле истрел или некаков силен удар, а потоа почнал да се шири непознат гас. Други очевидци велат дека чуле некаков тивок, придушен но константен звук, по што се појавил оган. Потоа огнот продолжил да се движи кон патниците, а тие тргнале да бегаат кон излезот, „газејќи едни други“.

Лондонските медиуми не ја исклучуваат можноста дека станува збор за два различни инциденти.

Терористичката закана во Велика Британија е на второто највисоко ниво на петстепената скала, што значи дека напад е многу веројатен.

Лондонската подземна железница беше цел на серија координирани самоубиствени бомбашки напади на 7 јули 2005 година, при што загинаа 52 лица, а стотици беа повредени.