Еквадор: Бројот на загинати во свлечиштата се искачи на 23

Бројот на загинати во лизгање на земјиштето во градот Алауси на Андите се искачи на 23 луѓе, а потрагата по исчезнатите продолжува, соопштија еквадорските власти.

Инцидентот се случи во минатата недела вечерта во дел од градот кој се наоѓа во провинцијата Чимборазо. Според официјалните податоци, од лизгање на земјиштето биле погодени околу 850 лица, а уништени се 57 згради.

Бројот на загинати постепено се зголемува, бидејќи спасувачките служби добиваат пристап до домовите кои беа покриени со големи количества земја. Најмалку 67 лица сѐ уште се сметаат за исчезнати, а 38 лица се повредени.

Еквадорската агенција за катастрофи уште во февруари предупреди на опасност од лизгање на земјиштето во областа Алауси на површина од 247 хектари. Властите во петокот издадоа слични предупредувања за областите во другите провинции на Андите поради ризикот од поплави и лизгање на земјиштето.