Еквадор најавува излегување од OPEC

Екадор најави излегување од членството во Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) на почетокот од следната 2020 година, поради проблемите со буџетот.

Оваа јужноамериканска земја сака да произведува повеќе сирова нафта за да ги зголеми своите буџетски приходи. Поради тоа, Еквадор повеќепати ги прекрши договорените производствени квоти во рамките на OPEC.

„Одlуката произлегува од проблемите и внатрешните предизвици со коишто земјата мора да се занимава во врска со одржливоста на буџетот. Мерката е во согласност со владиниот план за намалување на јавната потрошувачка и генерирање нови приходи“, објави еквадорското министерство за енергетика во соопштение, без да наведе поединости.

Еквадор произведува околу 545.000 барели сирова нафта дневно, а има проблеми со ликвидноста поради големиот буџетски дефицит и надворешниот долг. Во февруари со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) постигна договор за кредит од 4,2 милијарди долари, oд кои веднаш му беа исплатени 652 милиони долари. Воедно на Еквадор му се отвори можност за дополнителни 6 милијарди долари заем.

И покрај одлуката за истапување од членството во OPEC, Еквадор и натаму ќе ги поддржува настојувањата на нафтениот картел да се стабилизира светскиот пазар на нафтата, соопшти министерството. Излегување на Еквдор од членството нема да предизвика проблеми во организацијата, смета Рене Ортиз, поранешен министер за енергетика. Според него, станува збор првенствено за политичка одлука.
OPEC и групата независни производители предводени од Русија, го намалуваат снабдувањето со нафта од почетокот на годинава за 1,2 милиони барели дневно, за да ги сведат резервите на петгодишниот просек и да ги поткрепат цените на нафтата. Договорот во јули беше продолжен до март 2020 година.

Еквадор стана членка на OPEC во 1973 година, а излезе од членството во 1992 година и повторно пристапи во 2003 година. И други земји од буџетски причини истапуваа од нафтениот картел. Индонезија, на пример, во 2016 година го суспендираше своето членств, бидејќи сакаше да го зголеми производството на нафта.