Еквадорски затвор бомбардиран со дронови

Засега непозната криминална група извела напад врз еден од затворите во Еквадор користејќи дронови и експлозивни направи закачени за нив, пренесува во понеделникот новинската агенција Prensa Latina цитирајќи ја информацијата на еквадорската Национална служба за интегрирани работи со лица лишени од слобода (SNAI).

„Денеска (понеделник) регионалниот затвор Гвајас 4 (во западната провинција Гвајас) беше нападнат со дронови (…) Имаше три експлозиии кои го оштетија покривот (на казнената установа)“, се наведува во објавата на SNAI на Twitter во која не се наведуваат податоци за настрадани или евентуални жртви.

Веднаш по инцидентот, специјалните сили на Националната полиција биле испратени во затворот за одржување на редот таму. Истовремено, во околината на затворот вопоставени се патроли за да се спречи евентуално бегство на затворениците.

Според верзијата на SNAI, нападот бил насочен врз затвореници кои издржувале казна во затворот а коишто биле припадници на ривалски криминални банди.

Инцидентот во затворот Гвајас 4 доаѓа среде големата криза на еквадорскиот затворски систем, којашто значително ескалираше последните години.

Во јули годинава претседателот Гиљермо Ласо прогласи вонредна состојба во главно пренатрупаните затвори, откако во јули избија затворски безредија во кои загинаа околу 20 а повредени беа речиси 60 затвореници.