Ел-Хадари стана најстариот фудбалер кој настапил на светско првенство

Египетскиот голман Есам ел-Хадари стана највозрасниот фудбалер кој заиграл на светско првенство, откако го започна во понеделникот дуелот од третото коло од Групата А против Саудиска Арабија во Волгоград, на возраст од 45 години, 5 месеци и 10 дена.

Ел-Хадари со овој настап го собори рекордот на колумбискиот голман Фарид Мандрагон кој на минатото светско првенство во Бразил заигра против Јапонија на возраст од 43 години и три дена.

Египет по поразите од Уругвај (0:1) и Русија (1:3) во првите два меча ги загуби сите шанси за пласман во осминафиналето на мундијалот и пред средбата со Саудиска Арабија, селекторот на популарните „Фараони“ Ектор Купер на заминувањето од турнирот се одлучи да му даде на ел-Хадари можност да се впише во рекордите на светските првенства.

Интересно е што ова е 153-от настап на ел-Хадарди за египетската репрезентација, но прв на светско првенство.