Елмас го одведе Наполи до триумфот во Милано

Napoli's Macedonian midfielder Eljif Elmas (R) shoots a header to open the scoring during the Italian Serie A football match between AC Milan and Napoli on December 19, 2021 at the San Siro stadium in Milan. (Photo by Miguel MEDINA / AFP)

Во дербито на 18-то коло од италијанското фудбалско првенство Наполи на „Сан Сиро“ го победи Милан со 1:0 со што се врати на втората позиција во Серија А.

Прашањето на победникот во Милано го реши погодокот на македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас во 5 минута по нафрлувањето од корнер. Ова е најбрзиот гол на Наполи против Милан во последните девет години.

Во последните моменти од мечот „Росонерите“ успеаја да израмнат, но погодокот на Франк Кеси беше поништен поради офсајд. Во прилог на гостите оди фактот дека во последните осум меѓусебни дуело на „Сан Сиро“ Милан оствари само една победа.

Со оваа победа Наполи напредуваше две места на табелата и сега е втор со 39 бодови, колку што има и Милан. Во водство е Интер кој има 43 бодови.

Минимално, со голот на Томасо Побега во 26 минута славеше и Торино во средната со Верона. Една минута претходно гостите остана со играч помалку, откако беше исклучен Џанџакомо Маљани.

Ова е втора последователна победа на Торино со која дојде до 15 бодови и до 10-то место на табелата. Верона, пак, го претрпе вториот пораз со ред и остана на 23 бодови со кои падна на 13-то место.

Самдорија и Венеција ремизираа 1:1. Домапшните поведоа во првата минута со голот на Маноло Габадини, а израмни Томас Хенри во 87 минути. Распоредот на таболата остана ист – Сампдорија е 15-та со 19 бодови, а Венеција е место подолу со два бода помалку.

Со идентичен резултат заврши и мечот меѓу Специја и Емполи. Поведе Специја во 50 минута кога топката во мрежата се одби од несреќниот гостински бек Рикардо Марчиза. За израмнувањето на Емполи во 71 минута, пак, беше заслужен домашниот бек Димитриос Николау кој една топка несакајќи ја сврти кон својот гол.

Емполи е деветти на табелата со 27 бодови, четири бодови помалку од првото место кое води во европските купови. Специја е 17-та со 13 бодови, три повеќе од позициите кои водат во Серија Б.

Во првиот дуел од неделната програма Фиорентина и Сасуоло во Фиренца ремизираа со резултат 2:2, иако гостинскиот тим по првото поливреме имаше два погодока предност.

Гостите дојдоа до предноста со два брзи гола кои ги постигнаа Џанлука Скамака во 32 и Давиде Фратеси во 37 минута. Бод на Фиорентина ѝ спасија сѐ поскапиот на фудбалскиот пазар Душан Влаховиќ во 51 минута и Лукас Ториера во 61 минута. Во 68 минута бекот на Фиорентина Кристијано Бираги беше исклучен поради два жолти картона, но гостите не успеаја да ја искористат предноста на теренот за ново водство.

Фиорентина се задржа на шестата позиција со 31 бод, колку што имаат и петтата Рома и седмиот Јувентус. Сасуоло сега е 11-ти со 24 бодoви.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.