Елмас преминува во Наполи и станува најскапиот македонски фудбалер

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и дефинитивно ќе биде член на италијанскиот вицепрвак Наполи, откако италијанските медиуми објавија е договорен трансферот и дека утре треба да пристигне на лекарски прегледи, а и официјално да го потпише договорот.

По повеќе од половина година за младиот фудбалер на Фенербахче секојдневно фрчеа понуди од многу европски гиганти за да го ангажираат, а Наполи е победникот, при што истанбулскиот клуб ќе добие 15 милиони евра плус бонуси и македонскиот супер талент во наредните пет години најверојатно ќе биде под Везув, и тоа за 1,5 милиони евра по сезона. Со тоа Елмас ќе стане најскапиот македонски фудбалер во историјата.

Елмас во Фенербахче замина од Работнички за 180.000 евра тренинг-компензација во август 2017 година и во изминатава година блесна, па го сврте вниманието кон себе. Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти го стави како приоритет за засилување летово и на крајот наполитанците успеваат да го добијат.

Сега се очекува официјална потврда на информациите на италијанските медиуми за трансферот на Елмас.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.