ЕМА ја одобри антиковид таблетата на „Фајзер“

Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска ја одобри таблетата на производителот „Фајзер“, која се продава под името „паксловид“ и ќе стане првиот орален антивирусен лек против оваа болест одобрен во Европската Унија.

„Паксловид е првиот орален антивирусен лек препорачан во ЕУ за третман на ковид-19“, соопштуваат од ЕМА.

Истражувањата покажале дека лекот значително ги намалува хоспитализирањата и смртноста кај пациенти со ризик од развој на тешка болест и треба да биде ефикасен против сојот омикрон.

Антивирусни лекови дејствуваат така што ја намалуваат способноста на вирусот да се реплицира и на тој начин ја инхибираат болеста.

Овој тип лек може да означи чекор кон крајот на пандемијата бидејќи е лесен за употреба, може да се зема дома со чаша вода.

Европското регулаторно тело препорача одобрување на употребата на „паксловид“ за третман на ковид-19 кај возрасни на кои не им е потребна кислородна поддршка во лекувањето и кои имаат зголемен ризик од развој на тешка болест.

САД, Канада и Израел се меѓу ретките земји кои веќе ја одобрија употребата на оваа таблета на „Фајзер“.

За време на испитувањето, оваа таблета им била дадена на пациенти пет дена по појавата на симптомите, а во текот на следниот месец, само 0,8 отсто од пријавените 1 039 случаи завршиле во болница, наспроти 6,3 отсто од оние што примиле плацебо.

Во групата што добила „паксловид“ немало смртен случај, додека во плацебо-групата имало девет смртни исходи, соопшти ЕМА.

Сега ЕМА ќе ги проследи своите препораки до Европската комисија, која треба да донесе одлука за одобрување на лекот за да може да се применува во сите земји на Унијата. Одобрувањето на Европската комисија обично е набрзо по одлуката на ЕМА – од неколку часа до неколку дена.

ЕМА веќе ја одобри употребата на „паксловид“ во итни случаи во декември.

Европскиот регулатор сè уште размислува за слично барање за одобрување на таблета со исто дејство од американскиот производител на лекови „Мерк“.