ЕМА ќе одлучува дали има потреба од трета доза вакцина против Ковид-19

Во почетокот на октомври Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе објави дефинитивен став за потребата од трета доза вакцина против Ковид-19.

На брифинг за новинари, докторот Марко Кавалери изјави дека врвен приоритет за ЕМА останува што повеќе луѓе да бидат целосно вакцинирани, но дека се следат научните анализи за таканаречената „бустер доза“.

-Доказите стануваат појасни дека лицата со компромитиран или силно ослабен имунитет ќе имаат потреба од дополнителна доза – изјави Кавалери

Тој објасни дека голем дел од имунокомпромитираните пациенти не е одговараат доволно ефикасно на првите две дози и дека трета доза на мРНК вакцина може да го зајакне имуниот систем.

ЕМА заедно со Центарот за контрола на болести, во моментов ги евалуираат податоците за бустер дозата. Според студиите, во различни делови од светот имунитетот од првите две дози се намалува, особено кај најстарите лица и се очекува земјите членки во пресрет на зимата да сакаат да го обезбедат имунитетот на населението.

Останува отворено прашањето за достапноста на вакцината за сиромашните земји каде што многу мал број на населението е вакцинирано и дали трета доза е потребна во богатите земји во недостаток на вакцини во светот.

-Како регулатори го отворивме прашањето да не се брза со бустер дозата ако нема јасни индикации. Ригорозно ќе го следиме патот на научните докази без притисок од било кои групи на влијание. Разбираме дека некои земји ја разгледуваат опцијата за бустер доза и затоа ќе излеземе со став на почетокот на октомври – изјави Кавалери.

Регулаторот на ЕУ на 6 септември соопшти дека почнал со евалуација на податоците на „Фајзер“ и „БиоНТек“ за засилувачката доза што ќе им се даде на луѓето на возраст над 16 години, шест месеци по добивањето на втората доза.

„Модерна“, исто така, наскоро до ЕМА треба да ги достави потребните податоци за засилувачката доза, се наведува во документот на ЕУ.

Во мислењето издадено на почетокот на септември и реиздадено од ЕМА, Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) наведува дека нема итна потреба од зголемена доза од целосно вакцинирани лица во општата популација. Но, тие забележуваат дека треба да се земат предвид дополнителни дози на вакцината за луѓе со ослабен имунолошки систем.

Многу членки на ЕУ веќе одлучија да користат засилувачки дози и покрај правните ризици, бидејќи ЕМА се уште нема донесено формална одлука.

Шведските власти разгледуваат опции за давање трета доза на вакцина против корона вирус на поголем дел од населението стравувајќи дека заштитниот ефект на две дози од вакцината не е доволен и дека може да почне да опаѓа со текот на времето, објави Агенцијата за јавно здравје.

Здравствената агенција неодамна забележа дека има околу 40.000 луѓе на кои им е потребна трета доза од вакцината, но вчера објави дека овој број на луѓе наскоро би можел да биде поголем.