ЕМОЦИОНАЛНО НАСИЛСТВО – Охрабрете се! Кажете: „Доста е!“

Ако се соочувате со тешка и постојана емоционална злоупотреба, можно е да го изгубите целото чувство за себе и да почнете да се сомневате во вашата самопочит или во вашите способности. Долгорочното емоционално насилство може да резултира со одредени здравствени проблеми, вклучувајќи депресија, анксиозност, злоупотреба на супстанции, хронична болка...

Билјана Малинова

„Не сакам да излегуваш со нив. Ти верувам, едноставно не им верувам на нив.“

„Знаеш дека нема да најдеш подобар од мене. Имаш среќа што си со мене.“

„Многу си глупава! Знаев дека тоа ти се врти во твојата глава.“

Дали  можеби некоја од овие реченици ви звучи познато?

Секојдневно го слушаме зборот „насилство“ и најчесто првата помисла е физичко насилство. Физичкото малтретирање е вид на насилство кое е физички видливо и за него секогаш постојат докази.

Но, тоа што не е видливо и тешко за докажување е емоционалното и психолошко насилство, за кое за жал повеќето жени и девојки не се свесни дека се жртви на ваков вид насилство. Лузните од емоционалното и психолошко насилство можат да бидат длабоки и долготрајни како повредите од удари и шлаканици.

Се надевам и посакувам да ве инспирирам да видите нешто што можеби не сте го виделе претходно и да престанете да барате изговори, Ве охрабрувам кажете: Доста е!

Емоционалното и психолошкото насилство можеби не е она за што размислуваат повеќето луѓе кога ќе се спомне зборот насилство, но тоа не го прави овој вид помалку реален или помалку сериозен. Емоционалното насилство може доста тешко да се открие кога се доживува. Најчесто ова насилство се користи да се намали самодовербата и самопочитта на жртвата и да се создаде психолошка зависност од особата која го извршува насилството.

Кои се знаците на емоционално и психичко насилство?

Емоционалното и психичкото малтретирање може да започне одеднаш или полека да почне да се појавува во врската. Некои насилници на почетокот се однесуваат како добар партнер и почнуваат со злоупотреба откако ќе се воспостави врската. Кога ќе се случи оваа промена во однесувањето, може да се чувствувате шокирани, збунети, па дури и засрамени. Сепак, злоупотребата никогаш не е ваша вина, дури и ако насилникот ви каже дека е или ако членовите на вашето семејство или пријатели ве обвинуваат што „дозволувате“ злоупотреба. Често е тешко да се одлучи дали одредени однесувања се емоционално или психички навредливи или не, особено ако сте пораснале и сте биле сведоци на емоционална злоупотреба во семејството. Меѓутоа, како и со сите други видови на семејно насилство, ваквото однесувањето на насилникот има за цел да стекне и задржи моќ и контрола над вас.

Некои знаци дека партнерот е емоционално и психички навредлив вклучуваат:

  • ве понижува пред другите;
  • ве нарекува со навредливи имиња, како што се „глупава“, „одвратна“ или „безвредна“;
  • се лутат на начин што делуваат застрашувачки;
  • се заканува дека ќе ве повреди, или ќе ги повреди луѓето за кои се грижите и домашните миленици;
  • се заканува дека ќе си наштети кога ќе биде вознемирен од вас;
  • ви кажува работи како: „Ако јас не можам да те имам тебе, тогаш никој не може;“
  • одлучува за вас, на пример што ќе носите или јадете;
  • јасно искажува љубомора и постојано Ве обвинува за изневерување;
  • постојано се преправа дека не ве разбира што зборувате, правејќи да се чувствувате глупаво или одбива да ги слуша вашите ставови и мислења;
  • го преиспитува вашето сеќавање на настани или негира дека настанот се случил како што сте кажале дека се случило, дури и кога тој знае дека сте во право;
  • ја менува темата секогаш кога ќе се обидете да започнете разговор со него или со други личности и ги преиспитува вашите мисли на начин што прави да се чувствувате недостојни; и
  • прави вашите потреби или чувства да изгледаат неважни или помалку важни од неговите .

Една од главните тактики е и заканата со самоповредување. Вашиот партнер редовно се заканува со самоповредување кога не го правите она што тој сака да го правите или кога ќе одлучите да ја напуштите врската. Насилникот ја користи вашата љубов кон него/неа за да ве манипулира и контролира. Кога вашиот партнер ги прави овие закани, чекорите кои би можеле да ги преземете за да се заштитите вклучуваат:

  • да му кажете на вашиот партнер дека се грижите за него/неа, но да се држите до своите граници, со други зборови, не мора да правите се’ што насилникот ќе ви каже дека е неопходно да го направите за да „спречите“ самоповредување;
  • не преземајте одговорност за постапките на насилникот ако насилникот одлучи да се самоповреди; и
  • запомнете дека не е ваша одговорност да го „натерате“ насилникот да не се самоповредува.

На пример, насилникот може да каже: „Ако навистина ме сакаше, нема да ме оставиш да умрам“, но ова е дел од манипулацијата што често доаѓа со емоционалното насилство.

Истотака  насилникот ќе направи многу работи во обид да ги прекине сите емоционални врски што ги имате со другите луѓе, така што единствениот што ќе остане да биде само тој. Некои знаци на овој тип на изолација вклучуваат:

  • ве спречува или обесхрабрува да се гледате со семејството или пријателите и ве тера да се чувствувате виновни кога го правите тоа;
  • сака да знае што правите постојано и да ве натера да бидете во постојан контакт;
  • ви го ограничува пристапот до превоз за да не можете да го напуштите домот;
  • се однесува љубоморно на времето поминато со вашето семејство или пријатели, често до точка каде што ќе „изберете“ повеќе да не ги гледате за да не мора да ја поднесувате љубомората на насилникот; и
  • сака да побарате дозвола пред да направите нешто или да поминете време со други луѓе.

Ако се соочувате со тешка и постојана емоционална злоупотреба, можно е да го изгубите целото чувство за себе и да почнете да се сомневате во вашата самопочит или во вашите способности, што може да направи уште потешко да ја напуштите врската. Долгорочното емоционално насилство, исто така, може да резултира со одредени здравствени проблеми, вклучувајќи депресија, анксиозност, злоупотреба на супстанции, хронична болка и многу повеќе. Најважното е да добиете емоционална поддршка, да развивате емоционални вештини кои ќе ви помогнат да се справите со траумата и да излезете од ваквиот однос каде сте жртва на емоционална и психолошка злоупотреба.

Автор: Билјана Малинова, дипломиран педагог, ОЛИ советник психотерапевт во супервизија, за НетПрес