Енерџи Воч: Природниот гас ги забрзува климатските промени

Независниот тинк тенк Енерџи Воч Груп во својот последен извештај предупредува дека употребата на природен гас не претставува одржлива алтернатива за животната средина и ги забрзува климатските промени.

Енерџи Воч е меѓународна мрежа на научници и парламентарци чија цел е да понуди анализи и информации поврзани со енергетската политика.

Извештајот објавен вчера се фокусира на природниот гас кој често се смета за прифатлива енергетска алтернатива на јагленот и нафтата, но експертите предупредуваат дека тој всушност не помага за заштитата од климатските промени, напротив.

-Природниот гас не може да придонесе за заштитата на климата. Поради високиот отпечаток на метан, природниот гас не е климатска алтернатива за другите фосилни енергии и поради тоа не претставува технолошки мост како дел од транзицијата кон енергетски систем со нула емисии, стои во заклучоците на последната студија на Енерџи Воч.

Меѓународната мрежа предупредува дека природниот гас ги забрзува климатските промени поради емисиите на метан, но и дека неговата употреба создава пречки за користењето на обновливи извори на енергија.

Енерџи Воч жали што во политичките и јавните дебати се претставува природниот гас како добра можност за намалување на емисиите на ЦО2, што, според нив, не е вистина бидејќи ваквата анализа не ги зема предвид “неприфатливо високите емисии кои се должат на дополнителните емисии на ЦО2 и метан во ланецот на снабдување на природниот гас“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.