Енергетскка ефикасност – приказна или реалност

Енергетската ефикасност во последно време е многу експлоатирана тема и како убава приказна ни се продава на секој чекор, но дали реално ги чувствуваме благодетите врз нашиот џеб и нашето здравје? Дали навистина го добиваме тоа за што сме платиле?

Телевизиските реклами и продавачите ве разубедуваат и тоа им успева, да купувате апарати со А+ или повисока енергетска ефикасност, да ги менувате старите светилки со нискоенергетски, или да ја користите енергијата од сонцето, земјата, ветерот, отпадните канализациони води и др. Toa се сосема оправдани вложувања, доколку прво се намалат доминантно најголемите трошоци во секој објект, а тоа се трошоците за загревање и ладење.

Во неколку продолжетоци ќе ви ја доближиме енергетската ефикасност, до ниво од кое ќе може да разберете што треба да добиете за своите пари и како да проверите дали е така. Тогаш веќе нема да може никој да ве манипулира, да ви кажува празни приказни и нереални пресметки. Се со цел навистина да  штедите, удобно да живеете и да помогнете во намалувањето на глобалното загревање.

15135769_1322836631084239_3427318832308405130_n

Трошоците за греење и ладење сериозно ќе се намалат кога ќе се воспостави контрола врз следните три работи:

1) Да се оневозможи неконтролирано мешање на внатрешниот воздух со надворешниот, т.е. да се постигне што поголема херметизираност;

2) Добра топлинска изолација на сите елементи од обвивката на објектот (ѕидови, врати, прозорци, кров и др.) вклучувајки го тука и елиминирањето на т.н. топлински мостови; и

3) Пропуштање на сончевата енергија низ стаклата на прозорците во зимскиот период и мерки за заштита од неа во летниот период.

Ќе се задржиме на првата мерка, а тоа е херметизираноста на објектите, која во разни текстови може да се сретне и како запечатеност или воздухонепропустливост.

Важноста на воздухонепропустливоста е многу голема, а кај нас таа е најзапоставениот дел од мерките за постигнување на енергетска ефикасност и висока удобност во објектите. И преголемата, како и премалата затнатост на објектот со себе носат големи проблеми.

15966231_1388667104501191_5058504249563116886_n

Воздухонепропустливоста се контролира и мери со таканаречен Blower Door Test, a слабите места, дупки, пукнатини, прозорци кои не дихтуваат и другите грешки во обвивката на објектот се дијагностицираат со Air Leakage Inspection. Овие мерења и испитувања се вршат со софистицирана опрема и за жал на изведувачите на градежни работи и за среќа на сите останати, веќе се достапни и во Македонија.

Од досегашните искуства, изведувачите на објектите, монтерите на прозорците и оние кои ги прават фасадите и покривите, секогаш тврдат дека објектите се извонредно запечатени. Често пати појавата на кондензација и мувла ја поврзуваат со извонредната херметизираност и на корисниците им даваат упатства за проветрување на просториите за избегнување на овие проблеми. Не ретко се случува појавата на влага и мувла да се поврзе и со замената на старите прозорци со нови и дека со тоа пареата од секојдневното живеење останува заробена. Но вистината е сосема спротивна. Разните невидливи „дупки“ и лошата изолираност на зидовите и покривот се причина за појава на мувла и влага, како и кондензација во количини кои често пати доведуваат до заблуда дека протекува низ покривот или низ прозорците.

576241_549483218419588_843503430_nИскуството од десетици илјади испитани објекти, кажува дека само 1% од објектите можат да се оценат како одлично херметизирани, околу 5% како задоволителни, 10-ина проценти како прифатливи и дури 85% не ги задоволуваат основните критериуми за воздухонепропустливост.

Кај објектите со големи височини (повеќекатници) и кај објектите со големи волумени (трговски центри, магацини, производствени хали и сл.) проблемите и загубите на енергија предизвикани од лошата херметизираност се повеќекратно поголеми.

Воздухонепропустливоста е посебно важна кај објекти кои користат посложени системи за вентилација, греење и ладење. Кај овие објекти недоволната херметизираност предизвикува неекономичност и преоптовареност на системите, големи трошоци за енергија, за поправки и одржување, а често пати и покрај се тоа не е можно да се постигнат посакуваните температури и удобност.

Заклучок е дека со мали интервенции и трошоци, придобивките кај ваквите објекти можат да бидат огромни и постојат најмалку 10 причини за да се херметизира вашиот објект.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.