Енис Халили (22) од Тетово, е момчето што се удави кај Утјеха, силните морски струи се причина за трагичната смрт

Дваесет и две годишниот Енис Халили кој се удави во водите на Јадранското Море, заминал од Тетово во малото црногорско туристичко место Утјеха, за да работи во текот на летната сезона. Тој со работа требало да почне денеска. Вчера, по сместувањето, имал слободно попладне и заминал на плажа за да се освежи, што било кобно по неговиот живот.

Како што објави телевизија Клан, соседите на момчето велат дека Халили решил да замине за да заработи за леб. Велат дека момчето било решено да си обезбеди подобар живот и дека постојано велел: „Ќе работам, за да заработам”.

Соседот Беким Рамадани вели дека првичните информации кои ги слушнале за трагедијата се дека јака морска струја го повлекла Халили подлабоко во морето.

„Тоа е животот. Наместо подобрa eгзистенција за еден млад тетовец, се случи трагедија. Енис велеше дека ќе оди таму, дека ќе работи, дека многу ќе се труди за да си обезбеди подобар живот“, вели Рамадани.

Соседот вели дека лошата вест на родителите на Енис им ја јавил работодачот, угостителот од Утјеха, кој претходно алармирал дека загубил контакт со момчето.

Како што соопштија македонските власти кои ги добиле официјалните информации од властите на Црна Гора, првичниот увид утврдил дека се работи за давање, затоа што немало траги на насилство.