ЕП догодина ќе се игра во Русија?

Европската фудбалска унија (УЕФА) планираше Европското првенство (ЕП) догодина да се игра во 12 држави ширум Европа, но „Ле Паризиен“ денеска објави дека планот бил променет и најверојатно натпреварувањето ќе се игра само во Русија.

Поради проблемите со пандемијата на ковид-19, УЕФА мора да бара алтернативни решенија, односно да го менува форматот на натпреварувањето кое требаше да се одигра минатото лето.

Првичниот план беше ЕП да се игра во 12 градови, меѓу кои беа Лондон, Минхен, Рим, Баку, Санкт Петербург, Копенхаген, Амстердам, Букурешт, Глазгов, Даблин, Билбао и Будимпешта, но новиот план е да се игра само во Русија на шампионатот на кој ќе настапат 24 репрезентации.

Информациите засега не се потврдени од УЕФА, но доколку не се стабилизира ситуацијата со коронавирусот, тогаш Европската куќа на фудбалот нема да има друг избор.

Македонија е во конкуренција за настап на големото натпреварување, но за да обезбеди пласман ќе треба да ја мине и последната пречка во Лигата на Нации, а тоа е мечот против Грузија на 12 ноември.