ЕП ќе побара уште построги санкции против Русија

Европскиот парламент ќе повика на ограничувања ширум ЕУ на увозот на руска нафта и гас во Унијата, во барање за уште построги санкции насочени кон „стратешко слабеење“ на руската економија и способност да води војна.

Како што пренесе „Гардијан“, за текстот ќе се гласа по обраќањето до европратениците на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се очекува да се обрати пред ЕП во Брисел преку видео врска.

Европратениците расправаат за построги санкции како одговор на руските напади врз цивилни области и инфраструктура.

Во резолуцијата која најверојатно утре ќе биде усвоена со големо мнозинство, европратениците исто така ќе ја повикаат ЕУ да ги затвори пристаништата за руските бродови и да одбие пристап до бродовите што пловат кон Русија, со исклучок на оние што носат витални хуманитарни материјали. Исто така се предлагаат мерки за „ограничување на увозот на најважните руски извозни стоки, вклучувајќи нафта и гас“, но не се бара забрана.

Другите барања вклучуваат запирање на сите нови инвестиции на ЕУ во Русија, што е малку веројатно дека ќе се реализира, како и дефинитивна забрана на Северен тек 2, вон прекинот на процесот на одобрување што веќе го направи германската Влада.

Европратениците, исто така, сакаат сите предложени санкции за Русија да се воведат и против Белорусија, од чија територија почна рускиот напад, коментира весникот.

Откако украинската Влада вчера поднесе барање за членство во ЕУ, резолуцијата ќе ги повика институциите на ЕУ да работат на доделување статус на кандидат за ЕУ на Украина како дел од процес „заснован на заслуги“, а истовремено да продолжи да ја интегрира Украина во единствениот пазар на ЕУ.

Во резолуцијата на ЕП ќе се повика на „помош од повеќе милијарди евра“ за Украина, притоа наведувајќи дека Русија сноси одговорност за значителните загуби и треба да се бара да ја компензира Украина.

Европскиот парламент речиси нема овластувања да ја одредува надворешната политика на ЕУ, но често врши притисок врз носителите на одлуки во националните престолнини на ЕУ со цел да одат подалеку и побрзо, потсетува „Гардијан“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.