Епидемијата во Шпанија би можела да трае четири месеци

731

Во Шпанија, втората земја според бројот на заболените од новиот коронавирус во Европа по Италија, епидемијата би можела да потрае четири месеци, предупреди во средата функционер во шпанските здравствени служби.

„Засега воведените мерки ќе имаат ефект на следните десет дена, само за да се запре ширењето на коронавирусот. Но до запирање на неговото пренесување и крајот на оваа епидемија нема да дојде. Во најдобар случај ќе потрае уште месец и половина до два месеца. Доколку работите не се одвиваат добро, ќе траат меѓу три или четири месеци“, изјави Фернандо Симон, функционер на центарот за следење на ситуацијата со коронавирусот во шпанското министерство за здравство.

Симон се појави на прес-конференција во Мадрид откако од неделата забрзано расте бројот на зарените лица. Во Шпанија во средата се регистирани 2.231 случај на коронавирус. Во моментов активни се 1.994 случаи, починати се 54 луѓе а оздравиле 183 пациенти.

Во областа на главниот град Мадрид се лоцирани половина од заболените. Во средата во регионот на Мадрид се затворени детските градинки, училиштата и факултетите, а од четврток ќе бидат затворени и музеите, базените, театрите, библиотеките и другите културни и спортски центри.

Медиумите јавуваат дека во продавниците во големи количества се купува храна и други продукти. Во 19 часот снемало леб и месо во еден од најголемите маркети во поширокиот центар на Мадрид, а исто така се намалуваат резервите од млеко и тоалетна хартија.

Дел од вработените работат од дома, откако владата апелираше до компаниите да воведат флексибилно работно време и да овозможат работење од дома. Во оние кои тоа не го дозволуваат, истакнати се известувања со предупредување.

Во Валенсија е откажан најголемиот локален фестивал „Лас Фалас“, кој требаше да се одржи од 15-ти до 19-ти март, а кој секоја година го посетуваат илјадници луше од цела Шпанија. Во Каталонија се откажани сите настани со над 1.000 лица, а се откажуваат и спортски натпревари.

Шпанија од вторникот ги запре сите летови од Италија и кон оваа земја. Шпанските здравствени власти сметаат дека коронавирусот во земјата се проширил од северот на Италија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.