Ер Србија ги откажа летовите од Ниш кон Италија, редуцирани се летовите од Белград

Авио-компанијата Ер Србија објави дека ќе ги прекине летовите кон Италија од аеродромот во Ниш, додека пак летовите од аеродромот  во Белград ќе бидат редуцирани поради епидемијата на вирусот Ковид 19, од денеска до крајот на март.

Од Ниш привремено се укинати летовите за Болоња и Рим, додека од Белград до крајот на март и почетокот на април редуцирани се повеќето летови за Милано и Венеција, освен линијата за Рим која ќе продолжи да функционира.

Ер Србија во март ги откажа и двата лета за Тел Авив,.

На патниците кои имаат купено билети ќе им биде понудена бесплатна замена за истите дестинации во подоцнежен термин до крајот на летната сезона, или бесплатна замена на билети за други дестинации до кои Ер Србија лета од Ниш или Белград или рефундирање на паричните средства.

Од „Ер Србија“ порачаа дека поради глобалната епидемија на коронавирусот е во постојана комуникација со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Србија, со Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната заедница за воздушен сообраќај (ИАТА).