Ердоган бара од БиХ испорака на ѓуленистите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од властите на Босна и Херцеговина бара да ѝ ги испорача на Анкара турските државјани за кои режимот на Ердоган тврди дека се блиски до организацијата Фето, која ја сметаат за терористичка и одговорна за обидот за државен удар во 2016, оценуваат босанскохерцеговските медиуми. На некој начин оваа е условивање за претставниците на власта во БиХ, ако сакаат да добијат политичка и финансиска поддршка од Турција

„Лично ќе се заложам да го решиме тој проблем“ – било ветувањето на актуелниот претседател на тричленото претседателство, Милорад Додик. Бошњачкиот член Шефик Џаферовиќ нагласил дека БиХ нема да дозволи односите со Турција на бидат загрозени и сѐ ќе се реши во согласност со важечките законски прописи во двете земји.

Меѓутоа, Ердоган не бил задоволен од ваквите одговори, затоа што слични ветувања добил од претходната средба со Џаферовиќ и со Додик. Порталот „Журнал“, кој објави детали од средбата на претседателско ниво, информира дека турските власти минатиот месец го доставиле списокот на нивните државјани што живеат во БиХ, а кои имаат неважечки пасоши. На списокот се претежно бизнисмени што соработуваат со БиХ, а некои биле ангажирани на еден универзитет во Сараево, за кои Анкара смета дека дејствуваат во организацијата на Ѓулен.

Од Министерството за безбедност на БиХ, потврдуваат дека им бил доставен список на ѓуленистите, но нагласуваат дека одлуката за нивната евентуална депортација не била донесена.

Од друга страна, јавниот сервис БХТ 1 објави дека Турција всушност бара десет свои државјани кои ги обвинува за врски со движењето на чие чело е Фетула Ѓулен, свештеникот кого Ердоган го смета за свој смртен непријател.

Судот на БиХ претходно беше соочен со слични барања за екстрадиција, но ги одби врз основа на оценката дека Фето не е на ниедна верифицирана листа на терористички организации и дека припадноста на организацијата не може да се смета за кривично дело согласно меѓународните стандарди.

Турските власти на сите им ги поништија пасошите од таа држава па нивната судбина сега зависи од тоа дали БиХ, во која имаат одобрен постојан престој, ќе им одобри политички азил.