Ердоган: Европа го жнее она што го посеа со санкциите против Русија

Европа зимава ќе се соочи со сериозни проблеми поради намалување на испораките на гасот од Русија, но таа „го жнее она што го посеа“, изјави во вторникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

„Немаме тешкотии во врска со гасот. Европа всушност го жнее она што го посеа. Односот на Европа, позицијата кон почитуваниот (руски претседател Владимир) Путин и нејзините санкции неизбежно го доведоа Путин до оваа ситуација… го користи сето оружје кое му стои на располагање. За жал, се создаде таква ситуација и, мислам, оваа ќе биде многу тешка зима на Европа. Ние немаме таков проблем“, рече Ердоган на прес-конференција во Анкара одговарајќи на прашање да ја процени ситуацијата со кризата во испораките на гасот во Европа.

Енергетската криза во Европската унија се влоши од почетокот на јули, откако „Газпром“ започна со намалување на испораките на гасот преку системот Северен тек 1 во Германија и другите земји на блокот, оправдувајќи го тоа со технички проблеми на гасоводот предизвикани од западните санкции против Русија поради војната во Украина. Европските челници сметаат дека станува збор само за изговор и дека Москва со запирање на испораките всушност се одмаздува за казнените мерки на Западот против неа.

Откако „Газпром“ во петокот објави дека поради „опасен“ дефект на единствената функционална гасна турбина на компресорската станица „Портоваја“, на неодредено време ги запира испораките на енергенсот преку Северен тек 1, во понеделникот предизвика скок на цените на гасот од 35 отсто, на 2.917 долари за илјада кубни метри, но во вторникот во претпладневното тргување се симна на ниво од 2.300 долари.

ЕУ, којашто на Русија последните осум години и наметна сеопфатни санкции без преседан во историјата поради војната во Украина, ја обвинува Москва дека енергенсите како оружје. Русија одговара дека станува збор за технички проблеми, предизвикани од санкциите на Западот против нејзиниот енергетски, технолошки и финансиски сектор.

Така, најавените предлози на Европската комисија против растот на цените на енергијата ќе имаат цел да ги ограничат цените на гасот кој Русија го испорачува во Европа преки гасоводите и ќе вклучува помош на производителите на струја кои имаат проблеми со ликвидноста.