Ердоган го одобри испраќањето турски војници во Либија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја одобри резолуцијата со која се предвидува можност за испраќање турски војници во Либија, пренесе Тасс, повикувајќи се на денешен турски весник.

На овој начин документот што претходно го изгласа турскиот Парламент е конечно утврден од Анкара.

Турскиот Парламент вчера усвои резолуција, која на владата и дава надлежности да испрати турски војници во Либија за рок од една година, потсетува БТА.

Резолуцијата беше изгласана откако на крајот на ноември Турција и меѓународно признатата либиска Влада на националната согласност потпишаа две спогодби – за соработка во воената област и безбедноста и за морските граници на двете земји во источниот Медитеран, а на крајот на декември владата на премиерот Фајез ел Сараџ побара помош од Анкара за ја одбие офанзивата на силите на влијателниот воен командант од источна Либија, генералот Халифа Хафтар.