Ердоган и Ципрас сакаат одржување на дијалогот меѓу двете земји

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и грчкиот премиер Алексис Ципрас изјавија во вторникот дека сакаат да го одржат дијалогот меѓу нивните земји, на првиот ден од посетата на грчкиот премиер на Турција која треба да биде прилог во намалувањето на константните тензии меѓу овие две членки на НАТО.

„Мислиме дека сите проблеми со Грција може да се решат мирно“, рече Ердоган на заедничката прес-конференција, истакнувајќи дека сите проблеми може да се решат „по пат на дијалог“.

Слична порака упати и Ципрас, велејќи дека е среќен што „каналите за комуникација (со Анкара) и натаму се отворени“ и повика на „градење врски втемелени на почитувањето на меѓународното право и на меѓународното разбирање“.

Грчкиот премиер во вторникот ја започна дводневната посета на Турција. Дневниот ред на средбата бил „опширен“, порача претходно портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Кан, од тензиите на Егејското и Средоземното Море, кипарското прашања, миграциите и до воопшто сите врски меѓу Турција и Грција кои се членки на НАТО.

Било отворено и прашањето на осумте турски офицери и војници кои пребегнаа во Грција по неуспешниот обид за воен удар од 15-ти јули 2016 година на кои им беше доделен азил, што предизвика големо незадоволство во Турција, која бара нивно предавање. Ердоган во вторникот повтори дека очекува „поголема соработка“ од Грција во врска со тоа.

„Грција ги почитува судските одлуки, тоа е уставно начело“, истакна Ципрас кој последен пат престојуваше во посета на Турција во 2015 година, велејќи дека сепкат „пучистите не се добредојдени во Грција“.

Особено е симболично што посетата се одржува неколку дена по 23-годишнината на големата дипломатска криза поради островчето крај турскиот брег кој Турција го нарекува Кардак а Грција – Имија, кој како и другите грчки острови се во средиштето на честите билатерални тензии кои во 1996 година речиси завршија со вооружен судир. Анкара и Атина, покрај тоа, не можат да се договорат за границата на Егејското Море, каде што се чести поморските и воздушните инциденти.

И на ова прашање двајцата челници решиле да му пристапат со „попуштање на тензиите (…) и со конструктивни мерки“, рече Ципрас кој во средата ќе престојува во Истанбул каде што ќе се сретне со цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Второт тешко прашање е мигрантското. Договорот меѓу Турција, која прими над 3,5 милиони сириски бегалци, и Европската унија потпишан во март 2016 година значително ги намали доаѓањето на барателите на азил на грчките острови од турскиот брег.