Ердоган и Путин ќе се состанат в петок, главна тема Ерменија и Азербејџан

Турскиот и рускиот претседател, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, ќе разговараат за конфликтите меѓу Ерменија и Азербејџан кога ќе се сретнат оваа недела во узбекистанскиот град Самарканд, јавува Ројтерс цитирајќи неименуван висок турски функционер.

„За ова прашање ќе се разговара со Путин“, изјави турскиот функционер, кој побара да остане анонимен, пренесува Танјуг.

Средбата меѓу Ердоган и Путин треба да се одржи в петок на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка, потсетува Ројтерс.

Нови судири меѓу Ерменија и Азербејџан избија денеска, еден ден откако речиси 100 војници беа убиени во најтешките судири меѓу двете поранешни членки на Советскиот Сојуз од војната во 2020 година.

Ерменија и Азербејџан, кои со децении се борат за Нагорно Карабах, меѓусебно се обвинуваат дека доцна вечерта на 12 септември започнале серија гранични судири.