Ердоган и Путин разговараа за гасниот центар и коридорот за жито

Турскиот претседател Таип Ердоган во неделата телефонски разговараше со неговиот руски колега по должност Владимир Путин за почетокот на извозот на други прехранбени производи и други стоки преку коридорот за жито во Црното Море и за можното формирање гасен центар, соопшти кабинетот на Ердоган.

Односите со Турција, која е членка на НАТО, се клучни за Русија во време кога Западот воведува во конинуитет саанкции против Москва поради нејзината инвазија во Украина, на коишто Анкара не се приклучи и одржува добри односи и со Украина и Русија.

Турција не го прифаќа присоединувањето на доминатно руските региони на Украина кон Руската Федерација и го смета за „сериозно кршење“ на меѓународното право и посредуваше со Обединетите нации за постигнување руско-украински договор за извоз на жито, од кои двете земји се најголеми производители.

Анкара, исто така, уште кон крајот на март објави дека по преворите во Истанбул на повидок е постигнување мировен договор меѓу Киев и Москва, но како што тогаш известија и украински и западни медиуми, по ненадејните посети од американските и британскит високи функционери на украинската престолнина, Киев се повлече од преговорите.

„Претседателот Ердоган ја изрази својата искрена желба да стави крај на руско-украинската војна што е можно поскоро“, соопшти турското претседателство и додава дека Анкара и Москва може да започнат со извоз на други прехранбени производи и стоки преку коридорот за жито на Црното Море.

 

Гасен центар во Турција

Русија ги повика ОН да извршат притисок врз Западот да укине некои санкции за да ѝ дозволи на Москва слободно да извезува ѓубрива и земјоделски производи и да ги одблокира од пристаништата во Европа и вети дека ќе им ги подари и испорача бесплатно на сиромашните земји главно во Африка, дел од договорот за извоз од пристаништата на Црното Море кој не е спроведен.

„Договорот е сложен и бара отстранување на пречките за релевантни испораки од Русија до земјите на кои оваа стока најмногу им е потребна“, соопшти Кремљ.

Двете земји разговараа и за иницијатива за создавање база во Турција од која ќе се извезува руски природен гас во Европа. Тоа би значело пренасочување на испораките од руските гасоводи Северен тек 1 и 2, кои беа уништени кон крајот на септември во саботажи во водите на Данска и Шведска во Балтичкото Море.

„Беше истакнато посебното значење на заедничките енергетски проекти, пред се во гасната индустрија“, соопшти Кремљ.

Шефот на рускиот енергетски гигант „Газпром“, Алексеј Милер, разговараше со Ердоган во Истанбул минатата седмица.

 

Борците на YPG во Сирија, трн во око на Анкара

Ердоган му рекол на Путин дека верува дека е неопходно да се „исчисти“ северна Сирија од курдските сили.

„Приоритет е да се исчисти областа долж границата од терористите, на растојание од најмалку 30 километри и во согласност со договорот од Сочи 2019 година“, рече Ердоган, мислејќи на курдските борци од Единиците за заштита на народот (YPG) во северна Сирија , се вели во соопштението на турското претседателство.

Од ноември, шефот на турската држава се закани дека ќе започне копнена воена операција во северна Сирија за да ги потисне борците на YPG, кои Анкара ги обвинува за сириско крило на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) и ги смета за одговорни за нападот на 13-ти ноември во Истанбул, во кој загинаа шест лица.

Договорот меѓу Анкара и Москва од 2019 година стави крај на уште една турска офанзива и вети дека ќе воспостави „безбедна зона“ од 30 километри за да ја заштити Турција од потенцијални напади од сириска територија. Договорот, кој содржеше слични услови, беше склучен одделно од Анкара и Вашингтон во 2019 година.

Турција ја обвинува Русија, но и САД за непочитување на споменатите договори, како и за неотстранување на YPG, од турските граници.

На 20-ти ноември Турција започна серија воздушни напади врз позициите на курдските борци во североисточна Сирија.

Неколку стотици војници на меѓународната коалиција предводена од САД се распоредени во овој регион, кој го држат Сириските демократски сили (SDF) во кои доминираат Курдите, а се вооружувани и обучувани од американските војскки кои во Сирија во моментов го држат под окупација и ги експлоатираат најголемите сириски нафтени полиња.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.