Ердоган и сопругата позитивни на омикрон, имаат благи симптоми

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган објави во саботата дека тој и неговата сопруга Емине се позитивни на омикрон варијантата на коронавирусот, но дека се чувствуваат добро и дека престојуваат во својот дом.

„Денеска тестот на Covid-19 кој го направивме сопругата и јас, откако почувствувавме благи симптоми, покажа позитивни резултати за двајцата. Фала му на Бога, минуваме низ болеста, за која дознавме дека е варијантата омикрон. И натаму ќе продолжам да ги извршувам своите должности од дома. Ве повикувам да се молите за нас“, објави на Twitter Ердоган.

Претходно во саботата турскиот претседател преку видеконференција во живо учествуваше во одбележувањето на отворањето на патниот проект во црноморскиот град Зонгулдак.

Ердоган во февраури ќе наполни 68 години и е вакциниран против Covid-19. Неговиот советник во телефонски разговор за германската новинска агенција DPA рекол дека претседателот една седмица ќе одмора во својот стан во Истанбул, а потоа ќе изврши уште еден тест на коронавирусот. Додал дека во меѓувреме преку видоконференциски врски ќе учествува на сите настани на кои претходно било предвидено.

Челникот на главната опозициска Рапубликанска народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, како и другите политичари преку Twitter на Ердоган и неговата сопруга им посакаа брзо закрепнување.