По Аја Софија, Ердоган нареди и поранешната црква Хора да биде претворена во џамија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган издаде во петокот декрет за претворање во џамија на рановизантиската црква Хора, една од најпознатите византиски градби во Истанбул, само еден месец откако исто така грандиозната Света Софија (Аја Софија) од музеј беше претворена во џамија.

Во средновековната црква на Светиот Спасител/ или Христос Спасителот во Хора, изграден во близина на древните градски ѕидини на Цариград, се наоѓаат византиски мозаици од XIV век и фрески на кои се прикажани призори од библиските легенди.

Тие биле прекриени откако Османлиите во 1453 година го заземале градот, но повторно беа откриени, кога како и Аја Софија, комплексот е претоврен во музеј со одлуката на владата од пред повеќе од 70 години. Група американски историчари на уметност помогна да се обноват оригиналните црковни мозаици, кои беа отворени за јавност во 1958 година.

Во ноември минатата 2019 година турскиот суд ја поништи одлуката на владата од 1945 година со којашто Хора, позната и како Карије на турски јазик, била претворена во музеј со кој управува Министерството за образование.

Денеска во едиктот кој го потпиша Ердоган и кој беше објевен во службениот весник на Турција, се наведува дека управување со џамијата Карије ќе се префрли во управата за верски прашања и дека џамијата е отворена за верски служби. Со декретот на Ердоган не е прецизирано кога ќе се одржат првите муслимански молитви во Хора, ниту што ќе биде направено со христијанските уметнички дела.

Црквата на ова место е изградена прво во IV век, но поголемиот дел од сегашната градба потекнува од XI век, за потоа делумно да биде обновената 200 години подоцна по катастрофален земјотрес

Манастирот Хора/© AFP 2020 / Bulent Kilic