Ердоган оцени дека Европа е во паника поради војната во Украина

Во Европа владее паника поради руската офанзива во Украина, оцени во неделата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, во обраќањето на конвенцијата на неговата владејачка Партија на правдата и развојот (AKP).

„Додека нашата земја веќе 11 години успешно се справува со илегалната миграција од Сирија, во Европа гледаме паника поради руско-украинската криза“, рече Ердоган.

Според турскиот челник, европските земји се молат „светот што побрзо да излезе од критичниот период низ кој минува“.

Исто така, Ердоган оцени и дека е разурнат системот на Западот создаден за осигурување на колективната безбедност и благосостојбата.

Нов бегалски бран ја зафати Европа, особено земјите од Европската унија, откако на 24-ти февруари Русија ја започна она што го нарекува „специјална воена операција“ во соседна Украина. Според последните податоци бројката на лицата коишто по почетокот на борбите ја напуштиле Украина надминала шест милиони, што е најголемата бегалска криза на континентот од крајот на Втората светска војна.

Од таа бројка, речиси 800 илјади од украинските бегалци се регистрирани во Германија, којашто и во големата мигрантска криза од 2015 година беше крајна дестинација таа година за повеќе од милион бегалци и мигранти од Блискиот исток и северна Африка. Овојпат, за таквиот прилив придонесе изјавата од март на германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер во која посочи дека бегалците од Украина не треба да ја минат процедурата за азил. Исто така, добиваат непосредна заштита во ЕУ до три години, како и брз пристап до здравствено и социјално осигурување, како и до пазарот на трудот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.