Ердоган одбива да ѝ се отчитува на ЕУ за учеството на самитот на ШОС

Анкара нема намера да поднесе каков и да е отчет до Европската унија за учеството на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС – SCO) во узбекистански Самарканд, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Претходните денови Ердоган по учеството на самитот во Самарканд, ги потврди стремежите на Анкара да стане полноправна членка на овој блок.

„Европската унија ќе нѐ држи 52 години, нема да ни дозволува да ѝ се доближиме, а потоа ќе праша ‘Зошто се сретнавте со оваа земја, зошто се сретнавте со таа?’“, изјавил Ердоган во интервјуто за телевизискиот канал PBS, пренесува весникот Yeni Şafak.

Турскиот челник истакнал дека се среќава со шефови на држави ширум светот, меѓу кои и рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот Кси Џинпинг.

„Водам разговори со сите земји. Затоа што сите сме дел од овој свет“, додал Ердоган.

Истовремено Ердоган потсетил дека во текот на средбите со европските челници никој не му поставувал такви прашања, а изразил и подготвеност да води дијалог со нив на ист начин како и со лидерите на членките на Шангајската организација за соработка.

„Се разбира, ние не сме членка на Шангајската петорка. Тука сме како специјален гостин на покана на земјата домаќин Узбегистан. (…) Сега нашиот следен процес ќе бидат чекори до најнапредна фаза од оваа работа. Тоа е нашата цел“, изјави во петокот Ердоган по завршувањето на самитот на кој се сретна со колегите по должност на Русија и Кина, Владимир Путин и Кси Џинпинг, одговарајќи на новинарско прашање дали Турција ја разгледува можноста да стане членка на организацијата.

Турскиот челник додаде дека таквиот чекор може да биде на дневен ред на понапредно ниво во преговорите во Индија, којашто во следниот период ќе претседава со организацијата.

„Благодарение на овој чекор, нашите земји со овие земји (членките на ШОС) ќе бидат пренесени на сосема поинакво ниво“, додаде Ердоган.

Самитот на Шангајската организација за соработка се одржа во Самарканд на 15-ти и 16-ти септември, а на него беа потпишани 44 документи за соработка меѓу земјите од централна Азија но и од други региони. Еден од настаните кои го привлекоа вниманието на меѓународната политика, беше потпишувањето од страна на Иран на меморандум за пристапување на оваа организација. Исто така, беше започната процедурата за прием во членство на Белорусија.

Шангајската организација за соработка е меѓународна организација основана во 2001 година, во која членки се Индија, Казахстан, Кина, Киргистан, Русија, Таџикистан, Пакистан и Узбекистан. Земји набљудувачи се Авганистан, Белорусија, Иран и Монголија, а земји партнери се Азербејџан, Ерменија, Камбоџа, Непал, Турција и Шри Ланка. На самитот на ШОС во Самарканд беа потпишани меморандуми за доделување статус на партнери во дијалогот на Египет и Катар, а статусот на партнер во дијалогот ќе добијат и Бахреин, Малдиви, Кувајт, ОАЕ и Мјанмар.