Ердоган планира и „копнена операција“ во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека можно е да биде започната „копнена операција“ во Сирија.

Изјавата следува еден ден подоцна по низата воздушни напади на позициите на Курдите во Сирија и Ирак и повеќе ракетни напади на турското земјиште од сириски територии.

– Нема збор дека оваа операција ќе биде исклучиво ограничена на воздушна, појасни тој пред турските новинари кои го следеа на враќање од Катар, каде учествуваше на отворањето на Светското првенство во фудбал.

Во низа турски воздушни напади во Сирија вчера загинаа триесетина лица, нешто што беше одмазда за терористичкиот напад со шест жртви на 13 ноември во Истанбул. Турција за нападот ги обвини курдските „терористи“.

– Компетентните единици, нашето Министерство за одбрана и нашиот Генералштаб, заедно ќе одлучат како ќе реагираат нашите копнени сили, истакна турскиот претседател.

Ердоган додаде дека во тек се консултации.

Во текот на ноќта и утрово при ракетни напади од Сирија, погодени се турската граница и погранична област. Притоа, загинаа три лица, а петнаесетина се ранети.

Турција вчера изведе воздушни напади на објекти на Курдската работничка партија (ПКК) и Единиците за одбрана на народот (ИПГ) во Сирија. Според Ердоган, во операцијата учествувале 70 авиони и дронови и навлегле 140 километри во ирачка територија на север и 20 километри на северниот дел на Сирија.

Ердоган истакна дека за таа операција не разговарал со претседателите на САД и Русија, Џо Бајден и Владимир Путин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.