Ердоган подготвен за средба со Мицотакис во источен Медитеран, но тензиите не стивнуваат

EPA-EFE/TURKISH PRESIDENT PRESS OFFICE HANDOUT

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави во петокот дека би се сретнал со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, доколку вториот покаже „добра волја“ во кризата која се разгоре меѓу двете земји членки на НАТО поради источното Средоземје.

Изјавата на Ердоган доаѓа во моментот во тензиите меѓу Турција и Грција достигнаа врв во врска со истражувања на потенцијални наоѓалишта на природен гас во водите за кои се спорат со децении двете земји.

Спорот во петокот влезе во нова фаза, кога турското министерство за надворешни работи ги повика грчкиот амбасадор во Анкара, откако грчкиот дневен весник Демократија објави наслов во кој на турски јазик му порачува на Ердоган „да се губи“.

„Грчки весник излезе денеска со грд наслов кој се однесува на претседателот Ердоган. Го повикавме грчкиот амбасадор“, изјави за новинарите турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Ердоган малку претходно во петокот изјави дека тој „нема никакви проблеми со тоа да се сретне со грчкиот премиер Мицотакис“. „Меѓутоа, важно е да се знае за што ќе разговараме и во кој опсег“, додаде условувајќи го одржувањето на таква средба со покажување „добра волја“ од страна на Атина.

Турскиот претседател повтори дека враќањето на бродот за сеизмички истражувања „Oruc Reis“ во недела, кој беше испратен во источен Медитеран и што ги поттикна тензиите со Грција, „ќе ѝ даде можност на дипломатијата“.

Алудирајќи на неодманешната посета на грчката претседателка на островот Кастелоризу кој е непосредно до турскиот брег, Ердоган ѝ порача на Атина „да не покажува сила“. „Во спротивно, и ние можеме да покажеме уште поголема“, додаде турскиот претседател.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас, кој престојува во посета на чешката престолнина Прага, изјави дека неговата земја е подготвена на дијалог со Турција, доколу таа „престане да провоцира во регионот“.

Тензиите меѓу Турција и Грција се зголемија кон крајот на август кога двете земји организираа ривалски воени вежби, на кои на грчка страна се приклучија и борбени бродови на земји челнки на НАТО и на ЕУ, во прв ред на Франција.

Кризата во источен Медитеран ќе биде на дневен ред на самитот на Европската унија на 24-ти и 25-ти септември во Брисел. Дендијас во петокот ја повика во ЕУ „да состави листа на санкции кои би можеле да бидат воведени против Турција, доколку не престане со своите незаконски активности“.