Ердоган порача дека Турција ќе го зголеми своето присуство во североисточна Сирија

Турција ќе постави десетици набљудувачки пунткови на североистокот од Сирија, најави во петокот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган инсистирајќи дека „безбедната зона“ ќе се прошири значително подлабоко во внатрешноста на соседната земја отколку што се наведува во кревкиот договор за прекин на огнот со курдските сили кој го издејствуваа во четвртокот САД.

Откако пред помалку од 24 часа се согласи на петдневно примирје за курдските сили да може да се повлечат од пограничното подрачје, Ердоган продолжува со својата амбиција за воспоставување на значително турско присуство по должината на 480 километри од сириско-турската граница, во вкупна должина од над 900 километри.

Меѓу другот, Ердоган зборуваше и дека не верува оти ќе дојде до судир меѓу турските и сириските војски, кои влегоа во градови кои беа под контрола на курдските милиции. Исто така, турскиот челник смета и дека Русија може да има улога во смирувањето на ситуацијата западно од реката Еуфрат, а на истата тема разговараа неговиот шеф на дипломатијата и иранскиот колега.

Во петокот утрото се слушале гранатирања во градот Рас ал-Ајин, и покрај тоа што во четвртокот вечерта беше постигнат договор за прекин на огнот. Портпаролот на курдските сили рекол дека Турција го нарушува примирјето и гаѓа цивилни мети. Репортерите на агенцијата Reuters јавија дека гранатирањето престанало претпладнето.

Телевизијата Ikhbariya, пак, јави дека турските борбени авиони подоцна извеле воздушен напад во кој смртно настрадале најмалку пет цивили.

Американски функционер рекол дека поголемиот број борби се брапрени и додал дека „ќе биде потребно време ситуацијата потполно да стивне“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот потврди дека разговарал со Ердоган, којо му рекол дека имало „помали“ судири, но дека тие брзо биле запрени. „Тој многу сака прекинот на огнот или паузата да дејствуваат“, рече Трамп и додаде дека „И Курдите тоа го сакаат, како и конечно решение“. .

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните операции ја опиша ситуацијата како „наводно мирна во повеќето области, освен во Рас ал-Ајин каде утрото имало гранатирања и престрелки“, рече портпаролот Стефан Дужарик за новинарите во Њујорк.

Примирјето кое го објави американскиот потпретседател Мајк Пенс по разговорите во Анкара со Ердоган ќе трае пет дена за курдската милиција Единици за заштите на народот (YPG) да може да се повлече од турската „безбедна зона“. Со договорот се ублажува кризата откако САД и претседателот Трамп беа обвинети дека со повлекување на дел од американските војници од Сирија им свртел грб на Курдите.

Турција договорот го гледа како победа во својата кампања да контролира појас од 30 километри во длабочината на сириската територија и да ги протера YPG, кои се главната ударна сила на арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF) кои беа американски сојузник на теренот против џихадистичката Исламска држава.

„Почнува периодот од 120 часа. Терористичката организација YPG во рок од 120 часа ќе ја напушти областа која ја идентификуваме како безбедна зона“, рече Ердоган. Приота ги обвини Курдите дека ослободител од затворите 750 припадници на Исламската држава.