Ердоган потврди дека Турција откри големо наоѓалиште на природен гас во Црното Море

EPA-EFE/TURKISH PRESIDENT PRESS OFFICE HANDOUT

Турција откри големи резерви на природен гас во Црното Море а со нивна експлоатација ќе започне до 2023 година, соопшти во петокот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и додаде дека слична вест очекува и од пробните дупчења во Средоземното Море, а неговото обраќање беше пренесувано на телевизискиот канал NTV.

„Ова е настан од историски размери. Во Црното Море го откривме најголемото во историјата на земјата наоѓалиште на природен гас. Обемот изнесува 320 милијарди кубни метри. До 2023 година планираме од него да ги снабдуваме нашите граѓани“, изјави Ердоган.

Истражувањата на морското дно од 20-ти јули ги истражуваше бродот за пробни дупчења „Фатих“, а полето е открено во областа означена како „Туна-1“.

Според Ердоган, откривањето на ова поле навестува дака „со голема веројатност има и други наоѓалишта на гас во оваа област“.

„Ова откритие е исклучително важно од аспект на енергетската независност на нашата земја. Досега целосно бевме зависно од снабдувањето со енергија од странство, трошејќи стотици милиони долари за тоа. Но во 2017 година ја обновивме енергетската стратегија, ја зголемивме нашата флотила на бродови за истражување и дупчења“, додаде Ердоган.

Во блиска иднина, како што истакна турскиот претседател, властите ќе ги решат техничките прашања поврзани со експлоатацијата на гас од ова поле и „без одлагање ќе започнат со дупчењата“.

Со обраќањето Ердоган всушност ги потврди најави во медиумите од четвртокот дека Турција во Црното Море пронашла најголеми резерви од природен гас во својата историја.

„Одлучни сме енергетското прашање на нашата земја да го решиме од корен. За нас нема одмор и запирање се додека не дојдеме до позиција на нето-извозник во енергетиката“, додаде Ердоган.

Оцени дека енергетиката, покрај тоа што е основниот елемент за развој, има голема важност во осигурување на националната независност.

„Зад игрите на Источниот Медитеран, стои борбата за енергетските извори“, истакна Ердоган и додаде дека „глобалниот нехуман поредок, кој една капка нафта ја смета за повредна од човечката крв, сѐ уште го продолжува своето владеење“.