Ердоган повикува Кипар да се подели на две посебни држави

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на решение за „две држави“ на Кипар за време на вчерашната посета на непризнаената Турска република Северен Кипар.

„Денес во Кипар има два одделни народи, два одделни демократски системи и две одделни држави“, рече Ердоган во говорот.

Кипар е поделен на турски (север) и на грчки (југ) дел од островот по турската инвазија во 1974 година, што беше одговор на државниот удар поддржан од Грција.

Анкара не ја признава Република Кипар, земја-членка на ЕУ, која инаку е меѓународно призната како единствена суверена власт на целиот остров.

Досегашните обиди за изнаоѓање компромисно решение во текот на годините не успеаја, а Турција, Грција и Кипар се во расправија околу потенцијалните резерви на гас и нафта во морето.

Ердоган го посети островот за да прослави 37 години од едностраното прогласување независност на Турската Република Северен Кипар.