Ердоган пред најтешката политичка криза

Едвај поминаа шест месеци откако народните протести ја потресоа Турција и четири месеци пред одлучувачките општински избори, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, се соочува со најтешката политичка криза од неговото доаѓање на власт пред 10 години. По уличните протести сега Владата му е загрозена од невиден финансиски скандал.

Минатата недела судот покрена обвинение и задржа во притвор голем број бизнисмени, пратеници и двајца синови на министри, обвинети во рамките на големиот корупциски скандал, што ја потресе исламско-конзервативната елита, што управува со земјата од 2002 година, коментира „Ле поинт“.

Откако во јуни младите Турци, образовани и со светски гледишта и ставови, веќе ја оспорија неговата власт, сега Ердоган наиде на отпор од својот тим, братството на муслиманскиот проповедник Фетхуллах Гулен, на кое што премиерот досега се потпираше, за да ја зазема и зајакнува својата власт.

Како што направи пред шест месеци, за да ги запре протестите, премиерот сегашната ситуација во земјата ја окарактеризира како „заговор на една држава во држава“, што е обвинета дека сака да го „замати и уништи“ напредокот што беше постигнат од земјата во последните десет години.