Ердоган прогласи победа на претседателските избори

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган објави во неделата вечерта победа на претседателските избори и дека неговата Партија на правото и развојот (AKP) со коалициските партнери освоиле мнозинство во парламентот.

Меѓутоа, опозициската коалиција тврди дека е прерано да го признае поразот и дека на актуелниот претседател и натаму резултатот може да падне под 50 отсто, за да се избегне вториот груп кој би требало да се одржи на 8-ми јули.

„Нашите луѓе ни ја дадоа должноста да ги извршуваме претседателските и извршните должности. Се надевам дека никој нема да се обиде да фрли дамка на резултатите и да ѝ наштети на демократијата за да го сокријат својот неуспех“, порача Реџеп Тајип Ердоган во кусото обраќање во Истанбул.

На изборите во неделата првпат се избираше претседател на Турција, со новите зголемени овластувања кои беа изгласани на референдумот во 2017 година. Критичарите, особено од Западот, тоа го сметаат за дополнително поткопување на демократијата во земјата којашто е членка на НАТО, и концентрирање на власта во една личност. Но Ердоган уште во времето на референдумот правеше споредба со претседателските системи во САД и Франција, како и со други земји кои се турски западни сојузници.

Неочекуваниот силен резултат на коалицискиот партнер на АКР на Ердоган, националистичката Партија на националното движење (MHP), би можело да значи стабилно парламентарно мнозинство.

Главниот ривал на претседателските избори, Мухарем Инче, од главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), ги повика набљудувачите на изборите да останат на избирачките места до крајот на пребројувањето на гласовите за да се осигури дека нема да се случи изборна измама во периодот кога конечните резултати сѐ уште пристигнуваат од поголемите градови каде што неговата партија ги има своите најдобри резултати.

По 96 отсто од преброените гласови на претседателските избори, Ердоган има 53 а Инче 31 отсто од гласовите, објавија турските медиуми. На парламентарните избори, пак, по 98 отсто од обработениот изборен материјал, АКР има 43 а коалициска MHP 11 отсто до гласовите. Опозициската CHP има 23, а прокурдската HDP 11 отсто од гласовите, малку над изборниот праг од 10 проценти неопходен за влегување во парламентот.

Претседателскиот кандидат на прокурдските сили Селахатин Демитраш својата кампања ја водеше од притвор во близина на грчката граница, во очекување на судењето под обвинение за поврзаност со курдските терористи, што тој го отфрла. Демитраш на претседателските избори освоил 7 отсто од гласовите.