Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се закани дека ќе одржи референдум за иднината на пристапниот процес, додека ЕУ ја обвинува Анкара дека не ги исполнува своите обврски.
До пресвртница дојде по неуспешниот државен удар на 15 јули, кога Брисел остро ја критикуваше немилосрдната пресметка на турските власти со пучистите и неистомислениците, а Анкара ја обвини Унијата дека не покажала солидарност.
Турција официјално поднесе барање за членство во ЕУ во 1987 година, а пристапните преговори започнаа во 2005 година. Нејзината амбиција да стане дел од ЕУ постои уште од 60-те години.
Аналитичарите сметаат дека и покрај сите проблеми, двете страни сакаат да ја задржат илузијата на пристапниот процес. Освен тоа, Брисел е свесен за значењето на договорот со Турција за намалување на мигрантскиот бран во Европа.
Турската Влада соопшти дека би можела да предложи враќање на смртната казна, потег за кој ЕУ предупреди дека ќе значи моментален крај на пристапните преговори.
– На нив е да одлучат дали ќе одат понатаму со или без Турција, предупреди Ердоган неодамна.
Откако властите во Турција го спречија пучот, повеќе од 110.000 судии, наставници, полицајци и државни службеници се суспендирани или отпуштени од работа, а 36.000 лица се уапсени во големите чистки, кои беа извршени по наредба на шефот на државата.
Политичкиот аналитичар од Универзитетот во Бремен, Рој Карадаг смета дека таа пресметка на власта всушност значи „крај на турскиот пристапен процес“.
Директорот на Турската програма во вашингтонскиот Институт за блискоисточна политика нагласи дека ЕУ е премногу свесна дека и е потребна соработката на Ердоган во мигрантската криза.
Тој истакна дека „Ердоган би можел да блефира и да замине од ЕУ, знаејќи дека ЕУ ќе дојде кај него на пролет кога Егејското Море ќе биде потопло и кога повторно ќе тргнат бегалците“.