Ердоган: Турција го започнува својот стратешки проект – Истанбулскиот канал

Во наредните неколку недели ќе се распише тендер и ќе започне спроведувањето на проектот „Истанбулски канал“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

– Во наредните недели ќе го распишеме тендерот и ќе го започнеме проектот „Истанбулски канал“. Не станува збор за проект кој е почнат пред една недела или една година, ова е чекор направен во последните месеци од мојот мандат како градоначалник на Истанбул, рече Ердоган.

Како што објави агенцијата Анадолија, Ердоган во Истанбул зборуваше на средба со турските извозници, при што се осврна и на актуелните случувања.

„Истанбулскиот канал“ е еден од најголемите стратешки проекти во Турција и планира да го елиминира растечкиот ризик што го предизвикуваат бродовите што сообраќаат помеѓу Црното и Мраморното море, а особено сообраќајот на танкерите низ Босфор.

Според турските власти, шест големи несреќи предизвикале смрт на 100 луѓе и протекување на 108.000 тони нафта во Босфор од 1960-тите.

Каналот со должина од 45 километри ќе биде изграден западно од центарот на градот, на европската страна на провинцијата Истанбул и треба да го зголеми дневниот капацитет од 160 бродови.

Ердоган зборуваше и за турската економија и рече дека земјата е цврсто посветена на зајакнување на извозот на 500 милијарди американски долари.

– Никогаш не сме биле поблиску до целта на голема и моќна Турција, истакна Ердоган.