Ердоган: Турција произведе лек што се користи како терапија за Ковид-19

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека турските научници успешно го произвеле лекот „фавипавир“ кој се користи како терапија за Ковид-19.

Ердоган исто така денеска најави продолжување на ублажувањето на рестрикциите воведени за спречување на ширењето на новиот коронавирус, објави агенцијата Анадолија.

„Мораме да се навикнеме на фактот дека новото време кое го нарекуваме нова нормалност ќе продолжи некое време“, рече Ердоган по тричасовниот состанок на Кабинетот во главниот град Анкара.

Ердоган најави дека кината, театрите и шоу-центрите ќе бидат отворени на 1 јули ширум земјата. Тој додаде дека работното време на објектите како ресторани и кафулиња се продолжува до 24 часот, а досега беше до 22 часот.

Исто така, за граѓаните над 65 години ќе им се дозволи да излегуваат секој ден од 10 до 20 часот, а ограничувањето на движењето за помладите од 18 години е целосно укинато, под услов децата да се во придружба на родителите. Од 15 јуни ќе може да работат и салите за свадби.

Турција на 1 јуни ја соопшти првата фаза од ублажувањето на мерките, со оглед на тоа дека земјата забележа напредок во борбата против пандемијата на коронавирус.

Во Турција досега се потврдени 172.114 случаи на Ковди-19, a бројот на оздравени пациенти е (најмалку) 144.598. Од последици на болеста Ковид-19 во земјата досега починаа 4.728 луѓе, според статистичките податоци на Министерството за здравство.