Ердоган: Турција е доследна на договорот за купување на рускиот ракетен систем

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во вторникот повтори дека не доаѓа предвид неговата земја да се повлече од договорот со Русија за купување на одбранбените ракетни системи С-400/

Одговарајќи на новинарски прашања по утринската прзнична рамазанска молитва, Ердоган изјави дека американската понуда за продажба на системите „Patriot“ е задоцнета и не е доволно добра како руската понуда.

„Има одреден чекор кој го направивме, тука постои договори и ние сме доследни на него. Не доаѓа предвид да направиме чекор наназад“, рече Ердоган во врска со договорот со Русија.

Турција и Русија во декември 2017 година потпишаа договор за набавка на противракетниот систем С-400. Москва треба да и испорача на Анкара две батерии С-400, што ќе бидат управувани од турски воен персонал кој треба да помине обука во Русија. Исто така, Турција има намера да започне военотехничка соработка со Москва за можно започнување на производство на руски противракетни системи во Турција.

Турскиот договор за купување на системите С-400, од кои првиот би можел да биде испорачан во рок од неколку седмици, ги загрижи сојузниците во НАТО, во прв ред САД, кои велат дека рускиот систем не е во согласност со стандардите на Алијансата и претставува закана за испораките на Турција на американските борбени авиони од новата генерација „F-35“.

Во јуни минатата 2018 година американскиот Сенат ја усвои својата верзија од нацрт-буџетот за 2019 година. Таа предвидува запирање на учеството на Турција во производствената програма на петтата генерација американски борбени авиони од моделот„F-35“, поради нејзините намери да набави руски противвоздушни ракетни системи од типот „С-400“. Турција во споменатиот проект учествува задно со уште осум земји. Нејзиниот удел во развојот требаше да изнесува околу 11 милијарди долари. Од оваа сума Анкара во проектот веќе вложи околу 800 милиони долари, а во замена за тоа САД требаше да ѝ испорачат сто авиони.

Ердоган истакна дека Турција им понудила на САД формирање работна група којашто би изнашла заедничко решение, но не кажа каков бил одговорот од Вашингтон, а Белата куќа изминатава седмица не ги коментираше изјавите од Анкара во овој контекст. Турскиот претседател рекол дека неговатра земја воедно дискутира и за американската понуда за купување на системите „Patriot“.

„За жал, американската страна не ни даде доволно добра понуа како што е онаа за С-400“, заклучи Ердоган.

За некои западни аналитичари, договорот со Русија претставува јасна порака од Анкара за НАТО откако САД и Германија ги повлекоа своите противракетни батерии „Patriot“ од Турција, како и другите земји од Алијансата, од границата кон Сирија. Турција во 2015 година бараше од неколку земји на НАТО да ги задржат овие системи на турско-сириската граница.

Турција во ноември 2015 година, токму во периодот на заострувањето на односите со Русија, го откажа големиот договор во износ од 3 милијарди евра кој пред две години ѝ беше доделен на Kина, за да ја опреми турската армија со проектили „земја-воздух“, а беше предвидено и заедничко производство, на што се спротиставуваше Вашингтон.

Договорот склучен во 2013 година на големо изненадување, особено на западните сојузници на Турција од НАТО, ја доби компанијата „China Precision Machinery Export-Import Corporation“ (CPMIEC), што предизвика жестоки реакции на САД. Турција под притисокот од сојузниците во НАТО две години подоцна реши да го поништи договорот, наводно поради оглушувањето на кинеската страна да ја усогласи својата технологија во текот на повеќемесечните преговори. Оттоаш Анкара планира да „произведува сопствени ракети, со поддршка на светски признат систем во вооружувањето“.

По доделувањето на зделката за набавка на ракетен систем на Кина во 2013 година и загрижените предупредувачки реакции на САД и на НАТО, Турција тогаш објави дека за тоа е во преговори со Франција, чијашто понуда била полоша од кинеската, но владата откри дека немало нови понуди од западните земји. Системот требаше да биде интегрирани во одбранбениот комплекс на Турција и да се користи без интегрирање во НАТО.

Тендерот за набавка на противвоздушен ракетен систем со долг дострел, инаку Турција го објави уште во 2009 година, а во септември 2013 година беше објавено дека најдобра понуда дала кинеската компанија CPMIEC, која ги победи американските, европските и руските конкуренти. САД тогаш изразија загриженост од тоа што Турција како членка на НАТО се одлучила да соработува со кинеската компанија „China Precision Machinery Import & Export Corp“ (CPMIEC), компанија којашто е под американски санкции поради наодното прекршување на договорот за неширење оружје, односно воена соработка со Иран, Северна Кореја и со Сирија. Притисокот од НАТО врз Анкара предизвика резултатот од оваа понуда за јавна набавка да биде поништен. Меѓу другите, овој тендер претендираа да го добијат американската компанија „Raytheon & Lockheed Martin“ и европскиот концерн „Eurosam“.