Ердоган во вторник ќе се сретне со челниците на Финска и Шведска

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во вторник во шпанската престолнина Мадрид ќе се сретне со финскиот претседател Саули Ниинисто и со шведската премиерка Магдалена Андерсон за да разговараат за барањата на двете скандинавски земји за членство во НАТО, што во моментов Турција го блокира.

Првиот состанок на највисоко ниво меѓу трите земји ќе се одржи на самиот почеток на самитот на НАТО, во присуство на генералниот секретар на сојузот, Јенс Столтенберг, објави на Twitter кабинетот на финскиот претседател.

За подоцна во понеделникот во седиштето на НАТО во Брисел предвидени се нови преговори за деблокада на турското вето, соопштија од Хелсински.

Во Брисел денеска ќе пристигне и шведската премиерка Андерсен на состанок со Столтенберг во пресрет на мадридскиот самит. Таа во саботата телефонски разговараше со Ердоган, но според тврдењето на официјална Анкара, тогаш не е остварено никакво придвижување во ставовите на двете земји.

Турција кон средината на мај, веднаш по официјално поднесеното барање за членство од Финска и Шведска, најави блокирање на нивното пристапување, и тоа прашање многу ќе ги преокупира учесниците на самитот во Мадрид кој трае од вторникот вечерта до четвртокот.

Официјална Анкара подолго време ги обвинува Хелсинки и Стокхолм дека го згрижуваат и прифаќаат припадниците на Работничката партија на Курдистан (PKK) која од 1984 година води вооружен бунт против Турција каде што е забранета, а се наоѓа и на листите терористички организации на ЕУ и на САД. Турција, исто така, им забележува на нордиските земји за пружање засолниште на припадниците на FETO, следбеници на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој е во егзил во САД а ги обвинува за неуспешниот воен удар во јули 2016 година, и за ембарго на извозот оружје во Турција по нејзината воена интервенција против курдските сили во Сирија во октомври 2019 година.

Шведска и Финска ги отфрлаат овие обвинувања, но Турција сѐ уште е единствената земја во НАТО којашто отворено го блокира нивниот прием.