Ердоган: Западот предводен од САД ја провоцира Русија

Турција е доследна во барањето мировен дијалог меѓу Русија и Украина, додека Западот предводен од САД „безгранично“ ја провоцираат и напаѓаат Москва, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за новинарите во авионот со кој се враќаше од посетата на Узбекистан.

„Русија не е обична држава, тоа е моќна земја. Секако, Западот предводен од САД ја напаѓа Русија речиси без никакви ограничувања. Наспроти сето тоа Русија, се разбира, покажува голем отпор соочена со сето тоа“, рекол Ердоган го цитира државната телевизија TRT и другите турски медиуми,

Западните земји последните години ѝ наметнаа на Русија сеопфатни санкции, а изминатите осум години интензивно ја вооружуваат и обучуваа војската на Украина истовремено игнорирајќи ги барањата на Москва за склучување договор кој ќе ја гарантира нејзината безбедност, што беше една од причините за руската инвазија во југоисточните региони на соседната земја, со оправдување дека сака да спречи геноцид врз тамошното руско и рускојазично население.

„Работиме на тоа тука да се создаде мировен коридор, како што имавме коридор за житарките. Мислиме дека најдобар начин за тоа е патот од дијалог до мир“, рекол Ердоган истакнувајќи дека ќе биде важен и украинскиот став.

Турција, како членка на НАТО, одржува блиски односи и со Украина и со Русија и беше домаќин на мировните преговори уште на почетокот на војната. Кон крајот на март, по преговорите во Истанбул, трите страни објавија дека е на повидок запирање на конфликтот и постигнување примирје. Но веќе неколку дена подоцна, како што пишуваа тогаш некои украински и западни медиуми, по ненајавените посети на Киев од страна на поранешниот британски премиер Борис Џонсон и американскиот министер за одбрана Лојд Остин, Украина нагло се откажа од преговорите и досега не се остварени никакви контакти меѓу двете страни.

Изминатата седмица американските медиуми, објавија дека Белата куќа врши притисок врз Киев за обновување на преговорите и скоро постигнување мир, за што се одржуваат и доверливи контакти со Москва при што се разгледуваат условите.

Украина во вторникот негираше дека е под притисок од Западот да преговара со Русија, повторувајќи дека инсистира дека преговорите може да се одржат само доколку Москва се откаже од целата територија која ја контролира од почетокот на инвазијата.

Политичките коментатори притоа го наведуваат во тој контекст повлекувањето на руските трупи од Херсон во Запорошката област на источниот брег на реката Дњепар, и нивно прегрупирање во Доњецк и Луганск и кон централните региони.

Русија во петокот порача дека е доследна во постигнување на целите на она што го нарекува „специјална воена операција“ во Украина, додавајќи дека таквите цели може да бидат постигнати и со мировни преговори, но истакна дека ставовите на Киев значат дека одржувањето на мировните преговори е невозможно.

Турција и ОН посредуваа во договорот за повторно покренување на извозот на украинските житарки од црноморските пристаништа во текот на последните четири месеци. Ердоган рекол дека „би било погрешно“ Анкара да предложи одредена временска рамка за продолжување на договорот по крајниот рој на 19-ти ноември, но додал дека би требало да трае „што е подолго можно“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.