Јеремиќ: Доаѓањето на ОБСЕ за изборите во Србија е задоцнето

Лидерот на Народната партија (НС), Вук Јеремиќ, изјави дека најавеното пристигнување на набљудувачите на ОБСЕ шест месеци пред парламентарните избори е – задоцнето .

Тој во интервју за „Блиц“ изјави дека повеќе нема време за воспоставување регуларни услови за одржување на избори следната пролет.

-Тој воз помина и сега треба рационално да се фокусираме на кампањата за бојкот, рече Јеремиќ и додаде дека ќе има работа за ОБСЕ, но само откако со легитимни средства се создадат услови за фер и чесни избори.

Јеремиќ кажа дека НС по внимателното разгледување донела одлука да ги бојкотира изборите, бидејќи смета дека сите други опции се исцрпени.

На прашањето што добива опозицијата со бојкот, тој рече дека со тоа се скратува времето за промена на системот и дека со бојкотот ќе се воспостави „политичко единство на вистинските противници на власта и ќе се истераат на видело оние кои се подготвени на дилови и компромиси“.

На прашањето што по изборите, кое го поставуваат оние кои ја доведуваат во прашање одлуката за бојкот, Јеремиќ кажа дека за оние кои веќе донесоа одлука за бојкот одговорот е едноставен и дека ќе работат како и порано за промена на власта.

Вицепремиерката и потпреседателка на владеачката СНС, Зорана Михајловиќ, реагирајќи на изјавата на Вук Јеремиќ, преку соопштение изјави дека лидерите на опозицијата веќе не бараат подобрување на изборните услови за да излезат на нив, туку измислуваат причини за да не излезат на нив.

– Прво бевме критикувани дека српската Влада нема да ја покани мисијата на ОБСЕ и тоа им беше еден од изговорите. А кога владата го повика ОБСЕ шест месеци пред редовните избори, тогаш, како што рече Јеремиќ, тоа сме го сториле предоцна. И сега тоа е причината поради што нема да излезат на избори. А, за доцнењето говорат оние чиј воз одамна е заминат, само што тоа сè уште не го гледаат, кажа Михајловиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.